Македонија

ЕБОР нуди грантови за компании од Македонија

ЕБОР нуди грантови за компании од Македонија

Европската банка за обнова и развој нуди грантови за консултантски услуги за компаниите од Македонија. Висината на грантот ќе се определува според три критериуми и тоа големината на компанијата, каде е таа лоцирана и според видот на советот што и е потребен на бизнисмените.

Повисок грант, како што информира банката, ќе им се додели на мали компании со помалку од 50 вработени, како и на фирми кои се наоѓаат во помалку развиените региони, односно надвор од Скопје, а на кои им треба советување за стратегија, деловни процеси или инженерски решенија.

И покомплексните проекти како оние за енергетска ефикасност, стратегија, деловни процеси, инженерски решенија и финансиско известување ќе добијат повисок грант.

Специјална програма е дизајнирана за поддршка на бизниси предводени од жени на кои ќе им се доделат 10 проценти повисок грант од предвидените, а доколку компанијата користи финансии од ЕБОР или од некоја од партнер банките на ЕБОР во рамки на програмата за женско претприемништво, тогаш ќе се доделат дополнителни 10 проценти за трошоците за консултантски проект или бизнис – коучинг проектот, покривајќи максимум до 90 проценти од нето вредноста на проектот.  

Повеќе информации за критериумите може да се најдат на веб страницата www.ebrd.com/knowhow.