Еден ипол милион граѓани имаат електронска здравствена картичка

Околу 85 отсто од осигурениците или 1,5 милиони граѓани веќе имаат земено електронски здравствени картички, соопштуваат од ФЗОМ.

Оттаму додаваат дека во подрачните служби во моментот се наоѓаат 225 илјади картички и чекаат осигурениците да дојдат и да си ги подигнат. Од оваа бројка, само 50 илјади се од Скопје и се пензионери.

Барање за електронски здравствени картички се уште немаат поднесено 50 илјади осигуреници од кои 13 илјади се пензионери од Скопје.

„Електронските здравствени картички не се само замена за сините картони, туку значат и пристап кон новите електронски услуги во здравствениот систем. Од почетоткот на годината, со помош на ЕЗК, направени се 200 илјади промени на избран матичен лекар (пријава-одјава) од страна на осигурениците, 120 илјади промени на избран матичен стоматолог и 30 илјади промени на избран матичен гинеколог. Од примената на ЕЗК директен бенефит имале 175 илјади осигуреници кои во истиот момент со неа направиле промена на избраниот лекар и си ги оствариле правата од здравственото осигурување, како што се, издавање на рецепти, упати за преглед на специјали итн“, вели Бранко Аџигогов од ФЗОМ.

Според нивните информации во 6 градови има 100 отстотна покриеност со дистрибуирани и подигнати електронски здравствени картички. Тоа се градовите: Свети Николе, Брод, Кратово, Валандово, Крушево и Ресен.

Во 18 градови има над 90 отсто предадени електронски здравствени картички на осигуреници. Најлош процент имаат Тетово со 81 отсто, Велес со 80, како и Скопје со 71 отсто каде што се предадени електронски здравствени картички.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.