Еден милион евра од Германија за бегалците на Балканот

Еден милион евра финансиска помош од Германија за бегалците кои транзитираат низ Балканот.

Министерството за надворешни работи на Германија краткорочно става на располагање еден милион евра за хуманитарни цели, со оглед на драматичната ситуација со бегалците кои транзитираат низ Западниот Балкан. Ова го соопшти денеска Германската амбасада во Скопје.

Не можеме да седиме со скрстени раце кога во соседните држави на Европската Унија има бегалци кои се наоѓаат во многу тешка ситуација, барајќи заштита. Важно е сега на лице место да се поддржат владите во нивната одговорност и да им се помогне на бегалците на најбрз и најефикасен начин. За таа цел и како прва итна мерка ставаме на располагање еден милион евра за згрижувањето на бегалците во државите на Западниот Балкан. Мора да делуваме брзо и да покажеме дека Европската Унија и во тешки времиња се залага за своите вредности, не ги оставаме нашите соседи сами. Тука спаѓа и фер распоредување на бегалците внатре во Европската Унија, како што сме го предложиле тоа во нашиот план за европската политика со беглаци, кој се состои од 10 точки, изјавил министерот за надворешни работи, Франк-Валтер Штајнмаер, стои во соопштението од Германската амбасада во Скопје.