Еден мртов и десетици повредени во невреме во Полска и Австрија

Едно лице загина, а десет се повредени во силното невреме вчера во Полска, а настраданиот е заменик градоначалникот на Воломина, Роберт Маковски. Тој загинал кога за време на бурата врз него паднала гранка од едно дрво.

Во невремето кое го зафати централниот дел на Полска се оштетени 300 објекти, а пожарникари интервенирале повеќе од 4.300 пати. Од утринава 74.000 семејства се без електрична енергија, јави АП.

Големо невреме ја зафати синоќа и австриската покраина Штаерска. Од силниот ветер биле искршени гранки од дрвјата, кои ги блокирале патиштата, предизвикувајќи штета на покривите од повеќе куќи во јужниот дел на покраината.При тоа се повредени повеќе лица.

Невремето во текот на ноќта пристигна и во Хрватска која беше зафатена од дожд и значителен пад на температурите.
На Истра, освен дожд имаше и силен ветер со брзина и до 82 километри на час, а во Ровињ силниот дожд поплави неколку подруми. На Кварнер е на сила црвено предупредување поради ветрот кој би можел да достигне 120 km/h.