Еден загинат и еден повреден во сообраќајка на патот Ѓавато-Тополчани

Едно лице го загуби животот, а друго е тешко повредено во сообраќајна несреќа која вчера во 14,50 часот се случила на магистралниот пат Ѓавато-Тополчани, кај местото викано Библикамен.

Од полицијата информираат дека несреќата се случила помеѓу товарно возило „Ивеко“ со тетовски регистерски таблици управувано од З.Т. (49) од Скопје и трактор „ИМТ“ со битолски регистерски таблици управуван од Д.И. (51) од с.Горно Оризари-битолско.

Во незгодата, трактористот од здобиените тешки повреди починал на самото место, додека возачот на товарното возило се здобил со скршеница на десното стапало и по укажаната лекарска помош во битолската болница бил пуштен на домашно лекување.

Увид на местото на настанот извршиле Јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Битола. По наредба на јавниот обвинител телото на починатиот е дадено на обдукција.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.