Еди Рама: Балканот е заморен од трпение за влез во ЕУ

Круцијално за Европската унија е да се прошири на Балканот и ние го разбираме нејзиниот замор од проширувањето, но и ЕУ мора да разбере дека има замор и од трпение на Балканот, порача денеска премиерот на Албанија, Еди Рама на конференцијата: „Заживување на Балканот: Нов почеток на закочените политики“, која во Брисел ја организираат невладината организација „Пријатели на Европа“ и германската фондација „Конрад Аденаеур“, објави МИА.

Оваа порака на албанскиот премиер е испратена на првата дискусија „Агендата на ЕУ и Западниот Балкан за периодот од 2015 до 2020 година“ од целодневната конференција, на која во вториот дел на дебатата за „Економскиот развој: Дали чашата е полупразна и полуполна“, денеска ќе говори и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Според Рама, сите земји на Балканот сакаат да бидат дел од Европа и не може да се избегнат домашните обврски кои тие ги имаат, но дека и не може со години да им се кажува дека треба да завршат едно поглавје годинава, друго поглавје догодина, туку дека мора нешто да се направи и паралелно.

– Денес, Балканот има повеќе потреба од влез во ЕУ, отколку што на Европа и треба Балканот. Круцијално е за ЕУ да се прошири на Балканот и ние го разбираме заморот од проширување на Унијата, но и тие мора да разберат дека има замор и од трпението на Балканот, посочи Рама.

Според претседателот на албанската Влада, важно е да се размислува „надвор од кутијата“ и не треба да се заборави дека Балканот е мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна платформа каде се случуваат чуда. – Првпат се гледаме себеси на иста страна и се бориме за иста цел, но во исто време тоа не е толку стабилно како што изгледа. Мора да инвестираме и мирот да биде вреден за живеење, а не илузија, додаде Рама.

Потсекретарот во италијанското Министерство за надворешни работи, Бенедето Дела Ведова, во име на италијанското претседателство со Унијата, истакна дека емотивно го поддржува она што го вели Рама, но дека јавното мислење во ЕУ не дава поддршка на проширувањето и токму поради тоа што во Европа има потешкотии со мислењето, Европејците мора да размислуваат стратешки за следните декади.

– Проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан мора да биде стратешки приоритет до цел Унијата да промовира мир, демократија и безбедност, како и да поддржува опоравување и економски раст во Европа. Ние имаме наши проблеми со јавното мислење, но ако ние како Унија не даваме поддршка на проширувањето и на желбата во следните години да се стекне членство во ЕУ, мора да знаеме дека други земји се подготвени да дадат многу за поддршка на овие државиа, а при тоа да не бараат ништо за демократијата, владеење на правото и човековите права. За нашата безбедност и наш просперитет, одлуката да се продолжи со процесот на проширување кон Западниот Балкан е вистинска одлука и ова помалку или повеќе е во програмата на италијанското претседателство со ЕУ, истакна Дела Ведова.

Тој додаде дека земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство се охрабруваат да продолжат со напорите, да испорачаат внатрешни реформи за усвојување на европското законодавство, а ЕУ треба да покаже кредибилност на процесот на проширување и да ги мотивира кандидатите да ги превземат потребни чекори за да напредуваат во пристапниот процес.