Еди Рама ја потврди посетата на Балград

Албанската министерка за одбрана Мими Кодељи потврди дека премиерот на Албанија Еди Рама ќе ја посети Србија на 22 октомври, пренесуваат српските медиуми.

Кодељи која учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на Американско-јадранската повелба во Будва изјави дека инцидентот на фудбалскиот натпревар Србија –Албанија во Белград нема да влијае на претстојната посета на Рама на Белград.

– Одлуката да го посети Белград, после толку децении, е важен чекор за сите на Балканот, за сите нас кои сме соседи и кои можат да помогнат едни на други на патот кон европските интеграции и НАТО. Тоа е од извонредна важност за сигурноста и иднината на нашите држави и граѓани, изјавила Кодељи за медиумите.

Посетата на албанскиот премиер на Србија на 22 октомври ја најави премиерот на Србија Александар Вучиќ, по состанокот на премиерите на земјите од регионот на Конференцијата за безбедност на Западен Балкан која се одржа во Берлин во август годинава. Тогаш беше соопштено дека ова ќе биде прва средба на премиерите од Албанија и Србија од 1946, значи по 68 години.

Амбасадорот на Германија во Србија Хајнц Вилхелм изрази жалење поради инцидентот на натпреварот и ги повика двете земји „да покажат смиреност и воздржаност“. Тој додал дека се надева дека инцидентот нема да има последици на планираната посета на Еди Рама на Белград.

Пратеникот на Српската напредна странка и претседател на собраниската комисија за Косово и Метохија, Милован Дрецун бара извинување од Албанија за инцидентот и додаде дека злоупотреба на спортска манифестација ги доведува во прашање добрите намери на Албанија а посетата на Рама на Србија ја прави бесцелна.

Од друга страна, противник на приближувањето на односите на Србија и Албанија е и градоначалникот на Приштина Шпенд Ахмети, кој му порача на албанскиот премиер да не оди во Белград.