Едицијата сликовници „Бајки од Македонија“ преведена на англиски јазик

Претставен англискиот превод на сликовниците „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“ од едицијата „Бајки од Македонија“.

Едицијата е проект на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине“, реализиран во партнерство со Арс Ламина и е составена од четири македонски приказни кои претставуваат дел од нашата усна традиција, адаптирани на модерен јазик и прилагодени на децата од претшколска возраст.

Ангелка Пеева Лауренчиќ од „Браво сине“, на промоцијата, рече дека македонското народно творештво спакувано во модерна креативна форма со обележја кои што сами од себе веќе значат наш автентичен бренд заслужуваат да бидат преведени на англиски јазик и тргнат да го освојуваат светот.

– Ќе ни биде драго доколку македонските деца, освен Црвенкапа, Трнорушка, Пепелашка и другите ликови позајмени од некои други земји, ќе препознаат и свои автентични ликови од своето поднебје, рече Пеева Лауренчиќ.

Директорот на издаваштво на Арс Лавина Бранка Бугариска рече дека проектот има за цел да ги пренесе македонските бајки и да го приближи народното творештво до што е можно повеќе деца во светот.

– На саемот во Франкфурт, што се одржа минатиот месец, видовме дека имаме еден светски производ. Првпат видовме дека еден македонски производ од книжевноста може да биде привлечен и атрактивен за светската јавност, рече Бугариска.

Посочи дека сериозен интерес за бајките покажале повеќе издавачи и агенти од Европа и светот, меѓу кои од Италија, Франција и Ирска, како и дека се склучени договори со агенти кои ќе ги претстават во Јужна Кореја, Јапонија, Кина, Тајланд, Тајван, Малезија и Индонезија.

Илустрациите се дело на младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение е избрано за најдобро на јавниот конкурс во мај годинава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.