Единаесет лица повредени во сообраќајна несреќа во струмичко

Единаесет лица, од кои две потешко, се повредени во сообраќајната несреќа којашто се случи рано утрото во понеделникот на магистралниот пат Струмица – граничен премин Ново Село на влезот пред селото Робово, информираа од министерството за внатрешни работи.

Во инцидентот биле инволвирани два автомобила „мерцедес“ и „ауди“, како и трактор. Десет од повредените лица кои се наоѓале во патничките возила се на возраст од 16 до 25 години, додека возачот на тракторот е 49-годишен маж.

Веднаш по несреќата сите повредени се примени во амбулантата на Хируршкото одделение во струмичката болница, каде што на деветмина им биле констатирани лесни телесни повреди. По извршените прегледи и укажаната неопходна медицинска помош сите се пуштени на домашно лекување.

Кај двајца од учесниците во сообраќајката, од кои едно момче и една девојка, се констатирани тешки телесни повреди и тие се задржани на хируршкото одделение. Едниот од нив е со повреди на коленото, додека другиот на лицето. И двајцата се надвор од животна опасност и во стабилна состојба, но остануваат на натамошна опсервација.

Засега нема конкретни информации како дошло до несреќата и која била причината поради која се судриле трите возила. Истрагата е во тек, а причините ќе бидат познати по целосното расчистување на случајот.