Единаесет романи во вториот круг за „Роман на годината“ за 2017-та

Писателите ќе дебатираат за состојбата на книгата

Единаесет романи влегоа во вториот круг за избор на етаблираната награда „Роман на годината“ за 2017 година која по згаснувањето на дневниот весник „Утрински весник“ продолжува да ја доделува новоформираната Фондација за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ од Скопје.

Селекцијата на пристигнатите 27 дела во официјална конкуренција годинава до 15 март кога и ќе биде соопштено името на наградениот роман, ќе ја врши жири комисијата во состав: Давор Стојановски, писател и минатогодишен лауреат, Ристо Лазаров писател, Иван Додовски, писател и професор на Универзитетот Американ колеџ од Скопје, Анета Дучевска, професор и декан на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ и Катерина Богоева, новинар и член на Фондацијата „Славко Јаневски“.

На одржаниот состанок на 15-ти февруари, жири комисијата меѓу другото констатираше дека во центарот на пристигнатите романи на одржаниот конкурс, генерално е политиката, неодамнешните политички случувања во Македонија, но и во други земји. Со задоволство беше потенцирано дека во дел од овие романи, напишани на македонски јазик, провејува зрелоста на младите автори, како и дека во нив се среќаваат нови и многу добри јазични решенија и вокабулар.