Една година од исчезнувањето на малезискиот авион

Денеска се навршува точно една година од мистериозното исчезнување на авион на „Малезија ерлајнс“.

Семејствата на 239-те патници и членови на екипажот од исчезнатиот авион од летот 370 денеска одбележаа една година од исчезнувањето на леталото, со ветување дека никогаш нема да се откажат од потрагата по остатоците и добивање одговор на прашањето што се случи со нивните најблиски.

Неколку десетици роднини се собраа пред најголемиот будистички храм во центарот на Пекинг, носејќи маици на кои пишува „Никогаш не се откажувајте, продолжете со потрагата“, но припадниците на обезбедувањето не ги пуштиле да влезат во верскиот објект.

Во текот на денот во Куала Лумпур, исто така, ќе биде одбележана годишнината од исчезнувањето на авионот, во организација на групата „Војс 370“, во која членуваат роднините на жртвите, а малезиската Влада ќе објави прелиминарен извештај за несреќата, што е нивна обврска кон прописите на меѓународната цивилна авијација.

Иако авионот се уште не е пронајден, властите на трите земји кои ја водат истрагата – Австралија, Малезија и Кина, тврдат дека и понатаму се отпимисти дека леталото ќе биде пронајдено во јужниот дел на Индискиот Океан, каде се претпоставува дека авионот се урнал, летајќи на релација Куала Лумпур – Пекинг.