Една година затвор за поранешниот градоначалник на Свети Николе, Слободан Даневски

Една година затвор за поранешниот градоначалник на Свети Николе и претседател на Управниот одбор на Агрокомбинатот „Џумајлија“ Слободан Даневски и две години условна казна за правникот на АД „Џумајлија“ Љупчо Мишев, пресуди штипскиот Основен суд за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба

Портпаролот на ОС-Штип Стојан Михов вели дека се работи за кривично дело со кое веќе прогласените за виновни во текот на 2002 година фиктивно при прогласување на технолошки вишок на одредени работници ги зголемувале личните примања, со цел истите работници да добијат одредени позитивни права преку Агенцијата за вработување.

– Тоа би значело нивниот надомест за лица кои се прогласени за технолошки вишок да биде повисок, при што на Агенцијата за вработување на ниво на Република Македонија и е причинета штета од 3,5 милиони денари, истакнува Михов.

Паричните средства од 3,5 милиони денари се одземени во корист на Република Македонија. Оваа сума Даневски и Мишов треба да ја вратат на државата.

Ова е втора пресуда за Слободан Даневски, а во штипскиот и светиниколскиот суд се уште се водат неколку судски процеси за неговиот брат Зоран Даневски, кој е во бегство.