Една милијарда денари за рурален развој оваа и идната година

За рурален развој во 2014 и 2015 година на општините ќе им бидат доделени една милијарда денари буџетски средства и дополнителни 18 милиони евра од ИПА фондовите, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски на денешната средба со граѓаните во малешевското село Чифлик, пишува МИА.

Димовски кој присуствуваше на почетокот на изградбата на главната селска улица во Чифлик, информира дека од оваа година, во рамки на петтогодишната програма за развој на земјоделството и руралните средини, се обезбедени средства и се склучени договори за реализација на 134 проекти во 73 општини.

Вредноста на проектите одобрени за општината Пехчево е 9.146.000 денари.

„Водена од потребата за унапредување на квалитетот на животот во руралните средини, Владата дава посебен приоритет на инвестициите за обновување и изградба на инфраструктурата. Последниве пет години за таа цел беа одвоени 1,2 милијарди денари од Програмата за финансиска подршка на руралниот развој“, истака министерот.

За време на престојот во село Чифлик министерот Димовски разговараше со земјоделците и сточарите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.