Една милијарда долари „исчезнаa“ од банка во Молдавија

Молдавија ја „тресе“ сериозен финансиски скандал откако мистериозно исчезна речиси една милијарда американски долари (9,4 милијарди леи).

Поради финансискиот скандал што може да предизвика дестабилизација на земјата, веќе со недели се ангажирани обвинители, пратеници и американски иследници, кои се обидуваат да ги пронајдат исчезнатите пари.

За „исчезнувањето“ на парите, се дозна откако Централната банка на Молдавија открила дека три банки чии активности сочинуваат една третина од банкарскиот сектор, одобриле кредити од 9,4 милијарди леи, што претставува 15 отсто од бруто-домашниот производ на Молдавија.

Тие кредити требало да бидат вратени на 27 март, но тоа не се случило и засега не се знае каде отишле парите.
-Не можам да сфатам како е можно да се украде толкава сума пари во толку мала земја, рекол претставникот на ЕУ во Молдавија Пирка Тапиола.

Во случајот се вклучиле и финансиската полиција и молдавските пратеници, а „протекол“ и извештај од седница на собранискиот одбор, затворена за јавноста, според кој парите се префрлени во четири руски банки.

Шефот на опозициските социјалисти, Игор Додон, рекол дека парите на крај биле префрлени на сметките на неколку офшор-компании и навел дека овој финансиски скандал може да ја одведе целата држава во стечај.

Државното обвинителство веќе отворило истрага, а засега во притвор се наоѓаат две лица чиј идентитет не и е познат на јавноста.