Една од жртвите од кафулето „Линд“ најверојатно била убиена од полицијата

Една од двете жртви при опасадата на кафулето „Линд“ во Сиднеј минатиот месец, најверојатно е убиена од куршум што го испукала полицијата во текот на операцијата за спасување на заложниците, пишува австралискиот весник „Сиднеј Морнинг Хералд“, пренесе МИА.

Весникот се повикува на недидентификувани извори вклучени во официјалната истрага за терористичкиот напад, што го изврши иранскиот имигрант во Австралија и самопрогласен исламистички верски лидер Ман Харон Монис.

Тој упадна вооружен во кафулето „Линд“ земајќи ги присутните купувачки и гости заедно со персоналот за свои заложници.

Полицијата 16 часови спроведе опсада на кафулето, пред специјалните полициски сили да извршат напад за извлекување на 17-те заложници. Во нападот беше убиен Харон Монис, но загинаа и двајца од заложниците, менаџерот на кафулето Тори Џонсон (34) и Кетрин Доусон (38), а четири други лица, меѓу кои и еден полицаец беа ранети.

Според „Сиднеј Морнинг Хералд“, Доусон била убиена од одбиен куршум испукан од еден од специјалците, кој ја погодил несреќната жена во срцето.

Изворот на кој се повикува весникот објаснил дека менаџерот Џонсон бил убиен со истерл во главата, што го испукал терористот Харон Монис, кога се обидел да му ја одземе пушката на напаѓачот.

Во моментот кога била погодена од „заскитаниот“ куршум, Кетрин Доусон, судија во Сиднеј и мајка на три малолетни деца, и помагала на една бремена жена-заложник да се сокрие.

Полицијата веднаш по убивањето на териристот, соопшти дека таа отворила оган откако тој почнал да пука по полицијата што го држела под опасада кафулето.

Засега никој од полицијата на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс не го коментира тврдењето на сиднејскиот весник.

Претставник на властите исто така одби да зборувза за пишувањето на „Сиднеј Морниниг Хералд“, објаснувајќи дека нема да има коментари се додека трае официјалната истрага за инцидентот.