Една жртва во судирите меѓу екстремната десница и контрадемонстрантите во САД (ВИДЕО и ФОТО)

 

Најмалку едно лице загинало, 19 се потешко повредени а вкупно настрадале околу 30 лица во саботата во американската сојузна држава Вирџинија во текот на насилните судири меѓу белите националисти и контрадемонстрантите.

Загинувањето на едно и повредувањето на 19 лица се случило кога автомобил се залетал во група контрадемонстранти во текот на собирот под мотото „Да ја обединиме десницата“ во градот Шарлотсвил, пренесува телевизиската мрежа Fox News. Учесниците во судирот биле вооружени со импровизирани штитови и палки.

sarlotsvil 02

Агенцијата Associated Press пренесува дека возачот бил набрзо уапсен. На социјалните мрежи се појавија фотографии од апсењето. Се наведува дека станува збор за „белиот националист“ Сем Хајд.

Прогласена е вонредна состојба за да ѝ се овозможи на полицијата да ги мобилизира своите сили.

Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Американците да ја надвладеат омразата и нетрпеливоста, за да се спречат ваквите насилни протести.

„Најстрого го осудуваме овој невиден излив на омраза, нетрпеливост и насилство од многу страни. СИТЕ мораме да се обединиме и да го осудиме сето она што го претставува омразата. Во Америка нема место за вакво насилство. Да бидеме сите едно“, напиша на Twitter американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува агенцијата Reuters.

sarlotsvil 03

Собирот на екстремната десница се одржа поради плановите да биде отстранета статуата на генералот на Југот Робер Ли од американската Граѓанска војна.

Спомениците во чест на Ли и другите водачи на Конфедерацијата, губитничката страна во крвавата Американска граѓанска војна која траела од 1861 до 1865 година, станаа предмет на спротиставувања во САД, М ногу од нив веќе се отстранети или преместени, додека за другите, како овој за генералот Ли во Шарлотсвил, градот во централна Вирџинија, им се заканува слична судбина.

Противниците на овие споменици тврдат дека тие претставуваат мрачни поглавја од американската историја во кои ропството било легално. Други, пак, сметаат дека отстранувањето на спомениците наликува на отстранување на дел од американската историја, и истакнуваат дека тие им одаваат чест само на поединци.

Споменикот на Ли во Вирџинија и подигнат во 1924 година и е еден од многуте симболи на Конфедерацијата поставени во годините по Американската граѓанска војна.