Едни чекаат да се смени програмата, други да се укине забраната, трети…

Неколку популарни странски канали како што се „Нешнл џеографик“, „Фокс лајф“, „Минимакс“, „Ем-Ти-Ви“ музичкиот сервис во петокот беа исклучени од  кабелските оператори во Македонија на барање на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Од Агенцијата информираат дека штом се усогласи програмскиот пакет со законската регулатива кабелските оператори веднаш ќе може да продолжат со реемитување на програмата. Кабелеските оператори пак, велат дека чекаат Агенцијата да ја укине забраната. Засега никој не коментира колку време ќе помине додека да се реши овој проблем, ниту пак има некакви најави дека ќе бидат обесштетени граѓаните или ќе има некакви промени во претплатата. Третите, оние најважните, гледачите, никој ништо не ги прашува ниту им објаснува.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги Зоран Трајчевски во изјава за Нетпрес нагласи дека законската регулатива предвидува реемитувањето на програмата да биде идентично со она во земјата каде се емитува програмата.

– Така, ако станува збор за бугарски канал, тогаш треба програмата да се пренесува со бугарски реклами, а не да се емитуваат српски реклами како што тоа беше случај кај некои од споменатите канали, вели тој.

Трајчевски исто така потенцираше дека штом се решат овие проблеми, каналите повторно ќе бидат достапни и ќе се врши нивно реемитување.

Од Агенцијата објаснија дека се инсистира на почитување на регулативата, зашто македонските електронски и печатени медиуми се тие кои губат бидејќи рекламите, наместо кај нив, одат надвор. Тоа значи зафаќање во рекламниот колач на домашните телевизии, без дозвола тие реклами да се прикажуваат пред македонските гледачи.

Нетпрес стапи во контакт и со дел од кабелските оператори во Република Македонија. Од „Близу“ велат дека престанале со реемитување на дел од овие канали затоа што несакаат да прават било што што не е во согласност со законот.

– Ние чекаме Агенцијата да ја укине забраната. Штом од Агенцијата ќе ја укинат забраната веднаш ќе продолжиме со реемитување на програмата на овие канали, велат од „Близу“.

Од Македонски Телеком информираат дека налогот за исклучување на овие канали на Агенцијата се базирал на образложение според кое овие канали немаат соодветна дозвола за нивно реемитување на територијата на Република Македонија во форматот во кој го емитуваат сигналот.

Од Телеком велат дека како компанија ги презеле и ќе ги преземат сите мерки кои се на нивно располагање, но нагласуваат дека ова прашање првенствено зависи од каналите како и од Агенцијата, а најмалку од нив.

– Регулирањето на правата за реемитување е релација која се воспоставува помеѓу каналите (имателите на авторските права за нив) и регулаторот, велат од Македонски Телеком.

На прашањето дали ќе има некакво обесштетување за корисниците оттаму велат дека Телеком ќе внимава на почитување на одредбите во договорите склучени со корисниците  и ќе има предвид обезбедување на дополнителни вредности за крајните корисници на истиот.

max_tv_vest

Во врска за забраната на реемитувањето на програмата на овие канали вчера се огласи и Македонската медиумска асоцијација (ММА) која негираше дека на нејзино барање, Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги сугерирала прекин на емитувањето на неколку странски канали. Асоцијацијата бара законските одредби да се применуваат подеднакво за сите медиуми и телевизии, велат од ММА.

– ММА сака да ги демантира шпекулациите што се појавија во дел од македонскиот печат дека наводно под притисок на македонските национални телевизии се симнати одредени таканаречени најпопуларни странски канали, кај некои од кабелските оператори, изјави на прес-конференција заменик-претседателот на ММА Атанас Кировски, директор и главен уредник на ТВ Телма.

Според нив Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги ги исклучила тие неколку канали поради работењето кое е во спротивност со законските регулативи во Република Македонија.

Агенцијата за аудио и аудиовизулени медиумски услуги информира дека штом се реши проблемот, односно штом се усогласи програмскиот пакет со законската регулатива тогаш веднаш ќе може да се продолжи со реемитување на програмата. Засега никој не коментира колку време ќе помине додека да се реши овој проблем, ниту пак има некакви најави дали ќе бидат обесштетени граѓаните или ќе има некакви промени во претплатата.