ЕК „Пампур“ ќе организира обуки за аматерско едрење

 

 

Едриличарскиот клуб ПАМПУР од Скопје, ќе организира обуки за аматерско едрење на езерата за сите вљубеници и заинтересирани за овој спорт во Република Македонија. Ова е една од главните планирани активности на ЕК ПАМПУР за следниот период, чија цел е омасовување на аматерското едриличарство, како и дисперзирање на едрењето и на другите езера во нашата земја, а не само како што беше до сега, првенствено и доминантно на Охридското Езеро.

„Заради организирано аматерско едрење на македонските граѓани низ езерата во Македонија, но и во соседните земји и пошироко, меѓу останатите активности кои што континуирано ги спроведуваме, се одлучивме да инвестираме во набавка на мали школски едрилици и да организираме школување и обуки за скипери на сите езера во нашата држава, онаму каде што ќе има интерес. Афирмирањето и развивањето на едриличарскиот спорт е наша долгорочна заложба“, вели Александар Пајковски, Претседател на ЕК ПАМПУР.

На својот последен состанок на Управниот одбор на ПАМПУР, одржан кон средината на овој месец, беше договорено зајакнување на активностите на клубот и поттикнување на условите за развој на аматерското спортско едрење, преку организација на низа на активности. Во тој правец, ЕК ПАМПУР изготви нов Статут на клубот, одбра нов Управен одбор и ги отвори вратите за прием на нови членови.

Освен проактивно вклучување во редовните активности на Едриличарската Федерација на Македонија, од годишните активности на во ПАМПУР најавуваат организација на регати на Јадранско и на Јонско море, потоа организација на традиционални регатни трки и учество на други меѓународни манифестации како македонски претставници на аматерскиот едриличарски спорт.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.