Едукација на компаниите за новиот систем на фискализација

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) во соработка со Даночната академија на Управата за јавни приходи (УЈП), започна со организација на  обуки за компаниите членови на ССК, во врска со новите законски измени на Законот за регистрирање на готовински плаќања.  Со овој закон се уредува воведувањето и користењето на фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања.

„Интересот за обуката од страна на компаниите членови на ССК е голем, бидејќи практично им се појаснуваат новините во Законот за регистрирање на готовински плаќања. На денешната презентација компаниите се запознаа со основните права и обврски утврдени во Законот, потоа со начинот на регистрирање на готовински плаќања, како и со интегрираниот автоматски систем за управување. На компаниите присутни на обуката им беше презентирано практичното функционирање на ГПРС системот од технички аспект“, изјави Митко Алексов, извршен директор на ССК.

Согласно законските измени, сите даночни обврзници кои во 2013 година оствариле промет над 10.000.000 денари беа должни се најдоцна до 31 октомври 2014 година да набават и користат фискална каса или да ја надградат постојната фискална каса со ГПРС. Овој рок е задолжителен независно од остварениот промет и за даночните обврзници кои вршат угостителска дејност и за даночни обврзници кои вршат промет на нафтени деривати на мало (бензиски пумпи). За сите останати даночни обврзници крајниот рок за набавка и користење  на нова или надградба на постојната фискална каса е 31 јануари 2015 година.

Ова е прва обука одржана за компаниите членови на ССК, од страна на претставници на Даночната академија на УЈП. Во насока на поголемо информирање на компаниите за сите новини во Законот за регистрирање на готовински плаќања, предвидено е обуките за компаниите членови на ССК, да се одржуваат во континуитет не само во Скопје, туку и во повеќе градови во Република Македонија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.