Нова едукативна кампања на ЕВН – „Енергетска математика“

Под мотото „Иднината е јасна – енергетски ефикасна“ започнува новата едукативна кампања „Енергетска математика“ на ЕВН Македонија.

Новиот серијал што ќе се емитува во наредните два месеца, има за цел да ја едуцира јавноста за значењето на енергетската ефикасност и потребата од промена на навиките на граѓаните во секојдневниот живот.  „Енергетската математика“ е дел од Платформата за енергетска ефикасност, проект што го реализира ЕВН Македонија во соработка со Министерството за економија и Агенцијата за енергетика. Граѓаните преку „Енергетската математика“ ќе добијат низа корисни совети со чија примена потоа ќе можат да ги рационализираат своите секојдневни трошоци по основ на електрична енергија.

Електричната енергија стана нераскинлив дел од нашите животи и тaа носи удобност и квалитет во нашите домови. Ние сакаме да покажеме како може да се заштеди електричната енергија. Како да се троши помалку енергија, без притоа да ја изгубиме удобностa што таа ја носи. За тоа е потребна само мала промена на нашите навики, изјави Штефан Петер, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија.

Низа регулативи во изминатиот период беа донесени и доработени во насока на поголема примена на енергетската ефикасност од страна на граѓаните и компаниите.

Енергетиката како област е еден од приоритетите на Министерството за економија како основа за сегашниот и идниот економскиот развој. Од исклучителна важност се сите сегменти на енергетиката, а особено енергетската ефикасност, на што работиме во насока на континуирано подобрување и поголема афирмација, што е една од основите идеи на оваа соработка, истакна Беким Незири, министер за економија.

Енергетската категоризација на домовите и издавањето на енергетски пасоши е важен аспект на енергетската ефикасност во домаќинствата, што е значајно имајќи во предвид дека по влезот на Македонија во Европската унија оваа обврска ќе стане задолжителна за секој дом. Оваа тема е исто така дел од „Енергетската математика“ преку која граѓаните ќе добијат конкретни совети како да ја подигнат енергетската ефикасност во својот дом.

Енергетската ефикасност треба да се смета како еден од нашите најголеми национални енергетски ресурси, исто како и сонцето, ветерот и лигнитот, таа може да ни обезбеди предност кон предизвиците кои ни следуваат во иднина. Овој ресурс ќе биде дел од нашето секојдневие, не како избор, туку како добра воспоставена пракса. Токму затоа, колку побрзо се едуцираме за можностите и придобивките толку подобро за сите нас, бидејќи подготвено ќе ја дочекаме идната енергетска транзиција, истакна Александар Дуковски, директор на Агенцијата за енергетика на Р. Македонија.

Платформата за енергетска ефикасност која започна во 2012 година има за цел да ја подигне свесноста за рационално користење на електричната енергија во домаќинствата, но и во компаниите. Едукацијата на општата јавност започна со емисијата „Енергетска азбука“, серијал преку кој граѓаните се едуцираа за патот на струјата, од производството па се до крајната потрошувачка, а беа одржани и работилници за претставниците на медиумите  и за компаниите во насока на нивна едукација за примена на енергетски ефикасни технологии во работењето.

Платформата за енергетска ефикасност беше наградена со Националната награда за општествена одговорност, а активностите преземени во нејзини рамки беа нотирани и во Извештајот за 2012 година на Европската комисија за Македонија, во делот на постигнати резултати во сегментот на енергетска ефикасност.