Едукативна кампања за безбедност во сообраќајот во градинката „Орце Николов”

Денес, во рамките на кампањата на Републичкиот Совет за Безбедност на Сообраќајот на Патиштата, децата од детската градинка „Орце Николов” во скопската населба Карпош, одржаа приредба на која пред голем број гости покажаа што научиле досега за нивното учество во сообраќајот.
Најпрвин, со интерактивна престава пренесоа како треба правилно да се однесуваат како пешаци, а потоа на присутните им поделија цртежи со совети како тие да се однесуваат, и каков пример треба да им дадат на најмладите. На крајот, демонстрираа правилно организирано преминување на пешачки премин со семафор.

Пред почетокот на настанот се обратија претседателот на советот на општина Карпош, Сашо Лазаревски, и престедателот на РСБСП, М-р Стојче Стаменковски. Господинот Лазаревски го сподели своето задоволство што настанот се организира во нивната општина, и зборуваше за заложбите на општината за поголема безбедност на децата во сообраќајот. Претседателот на РСБСП зборуваше за важноста на севкупното институционално делување за зголемување на безбедноста на нашите патишта, и важноста на ваквиот вид на кампањи во зголемување на јавната свест, а со тоа и намалувањето на жртвите во сообраќајот. Донирајки им на децата флуоросцентни елечиња за нивна подобра видливост во сообраќајот, тој ги повика сите општествено одговорни компании да го следат примерот, и со слични донации да придонесат за зголемување на безбедноста на децата. Господинот Стаменковски ги повика и родителите да им даваат позитивен личен пример за одговорно однесување во сообраќајот, како и задолжително користење на соодветни детски седишта при нивниот транспорт со автомобил.

На настанот присуствуваа и претставници од Mинистерството за Труд и Социјална Политика кои најавија дека вакви и слични настани ќе бидат организирани во повеќе градинки на целата територијата на Република Македонија.