Македонија

Едукативна работилница за примената на антибиотици кај децата

Едукативна работилница за примената на антибиотици кај децата

Едукативна работилница во рамки на проектот на Министерство за здравство за рационална употреба на лекови, со посебен акцент на употребата на антибиотиците се одржа денеска во детска градинка „Чекорче“ во општина Аеродром во организација на Агенцијата за лекови на Република Македонија. Целта на работилницата е едукација на родителите чии деца одат во градинката во насока на превенирање на појавата на нерационална примена на антибиотици со оглед на тоа што последните години е регистрирано нивно зголемено пропишување и нивна употреба од детската популација, пренесува МИА.

Директорката на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска-Серафимовска изјави дека проектот почнал на почетокот на годинава со низа активности со цел поттикнување на свеста на граѓаните за рационална примена на лекови со посебен акцент на употребата на антибиотиците.

– Во рамки на проектот формирана е Работна група, изготвени се едукативни материјали на македонски и на албански јазик кои се со јасна конкретна содржина и се дистрибуираат до сите аптеки на територијата на Република Македонија со цел да се овозможи нивна поголема достапност до граѓаните, истакна Дарковска-Серафимовска.

Додаде дека инспекторите на Агенцијата за лекови се редовно на терен, ги контролираат аптеките и проверуваат дали се почитува законската обврска за издавање антибиотици само на лекарски рецепт.

Координаторот на Работната група за спроведување работилници во градинките за рационална употреба на лекови, Мерием Хаџихамза рече дека проектот се наметнал и како потреба поради загрижувачките податоци од теренот за нерационална употреба на антибиотската терапија и зголемување на антимикробната резистенција.

Посочи дека Работната група која функционира при Министерството за здравство ги подготвила едукативните материјали за совети за употребата на антибиотиците и целта е со едноставни пораки родителите да осознаат што е можно повеќе околу нивната примена.

Потенцира дека организираат работилници во општините Центар, Чаир, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, како и во Битола, Тетово, Гостивар, Прилеп, Струмица, Кавадарци.

– Оваа активност континуирано ќе трае. Не мислиме дека веднаш ќе се искоренат некои лоши навики, но цениме дека ова е еден добар почеток за унапредување на рационалната употреба на антибиотиците и унапредување на знаењето на населението за ризиците од нерационална и несоодветна употреба на овие лекарства. Антибиотиците се животноспасувачки лекови, но треба да се користат само кога има потреба од нив, додаде Хаџихамза.

Презентацијата на тимот кој предава на работилниците, појасни таа, го опфаќа и проблемот кога децата треба да се носат во градинка ако имаат симптоми на настинка или црвено грло и кога не треба.

– Родителите се советуваат дека секое кашлање не мора да значи дека детето треба да остане дома. На родителите им се укажува да немаат претеран страв дека ако некое дете се закашлува дека и нивното дете ќе се зарази. Не секое кашлање, не секое течење нос подразбира некоја бактериска инфекција, додаде Хаџихамза.