Македонија

Едукативно-информативни флаери за странците на граничните премини

Едукативно-информативни флаери за странците на граничните премини

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков денеска го посетија граничниот премин Блаце, каде што почна делењето на едукативно-информативни материјали (флаери) наменети за странските возачи кои транзитираат низ Република Македонија.

Акцијата се одвива во рамки на „Летната кампања 2014“ што ја организираат и реализираат МВР и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, а чија главна цел е зголемување на безбедноста во сообраќајот преку низа превентивни активности.

– Согласно програмата за реализација на оваа кампања, целна група на денешнава акција се возачи странски државјани учесници во сообраќајот, кои транзитираат или престојуваат во Република Македонија, при што од денес на граничните премини во Република Македонија на овие граѓани, од страна на полициските службеници од граничната полиција ќе им бидат поделени 100.000 флаери со едукативна содржина“, истакна Јанкулоска, која симболично ја почна акцијата со делење флаери на странски државјани.

Флаерите испечатени на англиски јазик, соопшти МВР, содржат корисни информации за странците околу сообраќајните правила и прописи во Република Македонија.

Инаку, во текот на минатата летна сезона (јуни, јули, август) на најферкфентните коридори 8 и 10, како што се наведува, се случиле 45 сообраќајни несерќи во кои учествувале странски државјани при што 23 лица настрадале. Во две од нив загинале две лица, во седум сообраќајки три лица се здобиле со тешки телесни повреди, додека пак 18 лица минале со полесни повреди.

Годинава пак заклучно со 21 јули на автопатиштата односно на коридорите 8 и 10 се случиле 23 сообраќајки во кои настрадале осум лица – во една од нив едно лице загинало а едно е потешко повредено, додека пак во две сообраќајко шест лица минале со полесни повреди.

Исто така, во првите шест месеци од годинава регистрирани се вкупно 568 прекршоци сторени од странски возачи, пришто наплатени се 508 парични глоби, поднесени се 38 барања за прекршочна постапка и преземени се уште 22 други мерки кон странските возачи. Инаку како најчести причини за сообраќајните незгоди во кои учествувале странските државјани се неприлагодената брзината спрема условите на патот, недржење страна и правец (најчесто поради заморот) како и непрописно престигнување или недржење растојание и слично.

По правило во летниот период, заради годишните одмори, зголемена е фреквенција на странци и возила на патиштата. На граничниот премин Табановце дневно во просек на влез има и преку 15.000 лица, а на граничниот премин Блаце околу 3.500. На граничниот премин Богородица за излез и до 10.000, а на Ќафасан кон албанското приморје над 1.000 лица дневно, стои во соопштението од МВР.