Египет притвори 15 лица по нападот врз коптската црква јужно од Каиро

Египетските власти притвориле петнаесет лица во рамките на истрагата за нападот врз нелегализираната црква на коптската православна христијанска заедница во село јужно од главниот град Каиро.

Десетици муслимани од селото Кафр ал-Васлин ја нападнале црквата по петочната молитва, кршејќи ги прозорците и демолирајќи ја внатрешноста, се наведува во изјавата на архиепископијата Атфрих. Од таму поднеле барање за легализација на статусот на црквата во која верниците доаѓаат веќе 15 години, откако е усвоен законот за градење цркви минатата 2016 година, се наведува во изјавата.

Притворените лица се обвинети за предизвикување верски судири, поткопување на националното единство и уништување приватен имот, изјавил правосуден извор за агенцијата Reuters.

Египетските христијани сочинуваат меѓу 10 и 15 отсто од вкупната популација од 95 милиони жители на земјата, и се најголемата христијанска заедница на Блискиот исток. Последните години се цел на крвави напади од страна на екстремните исламистички организации,

„Некои муслимани се противат на тоа зградата да се претвори во црква, бидејќи покрај неа има навистина голема џамија“, рекол локален жител кој сакал да остане анонимен.