Ефтов за Новогодишната ноќ на Заев во Солун: Кое е ова перење на мозок!?

Новинарот Васко Ефтов реагира на неофицијалната посета на премиерот Зоран Заев кој новогодишните празници ги помина во Солун. Тој на својата страна на фејсбук јавно прашува дали Заев навистина е визионер и политичар од новото време, или пак неговата посета е само „перење мозок“?

„Чекав да видам како премиерот на Словенија слави Нова година во Загреб или Сплит, односно некаде во Хрватска со која имаат голем спор около Пиранскиот Залив. Или Александар Вучиќ да слави во Приштина или Призрен. Или Ципрас да слави во Истанбул, односно Ердоган во Атина или Солун. Или Паросенко во Москва, односно Путин во Киев. Или Нетанјаху во Палестина, а палестинскиот лидер во Тел Авив. Или Трамп во Северна Кореја или Иран. Не. Сите се тие глупи и од времето прегазени политичари. Само Заев е визионер и политичар на новото време. Само тој не слави Нова година со своите Македонци и со граѓаните на Република Македонија, туку со цел кабинет отиде на славење во државата Грција која од нас бара да го смениме нашето име! И тоа се прикажува како нешто нормално. Како голем и огромен чекор во новото време! Која е оваа анестезија со која не „замрзнале“ како вилица пред вадење заб? Која е оваа општа хипноза? Кое е ова перење на мозок!?

Се ова ќе мине. Може не во 2018 година, но ќе мине. Можат да ги трошат нашите пари. Можат да ги трошат нашите изборни гласови. Но, не можат да ги трошат нашата гордост и достоинство. Само тие ни останаа, а јас не сум сигурен дека ќе најдеме начин како да си ги одбраниме. Да сме живи и здрави и нека ни е среќна новата 2018 година!“, напиша Ефтов.