Ефтов за Телеграф: Чекам да видам дали ЗНМ ќе реагира

Се надевам дека надлежните од Јавното обвинителство, како големи верници, ќе му ја вратат патната исправа на Зоран Заев, за да може да се одмори за велигденските празници во некоја од соседните држави, вели Ефтов

– ЗНМ реагираше кога ми ја забранија емисијата на ТВ „Алфа“ и Насер Селмани беше на разговори со уредничкиот тим на „Алфа“ да биде укината тогашната забрана на мојата емисија. Јас ќе чекам да видам дали Селмани денес прави разлика меѓу идентичните постапки на „Алфа“ и на „Алсат“, односно дали во овој случај ќе се однесува како претседател на ЗНМ или како Албанец – вели Ефтов

Тој деновиве е во центарот на вниманието откако на социјалните мрежи излезе со став дека првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска, влијаеле „Во центар“ повеќе да не се емитува.

Тој додава дека не знае каква ќе биде реакцијата на Заев и на Шекеринска и дека тие можеби по јубилеен 50. пат ќе имаат гостување во некоја емисија на „Алсат“ и таму ќе ги прашаат за коментар.

Можеби ќе прифатат да дојдат во мојата емисија и јас лично ќе ги прашам – додава Ефтов.

Авторот на емисијата „Во центар“ вели дека разговара со некои телевизии за таа да продолжи да се емитува.

Коментирајќи ги последните настани во врска со случајот „Пуч“ и аферата со прислушување, Ефтов нагласува:

– Сигурен сум дека Зоран Заев, како голем демократ и борец за вистината на Македонија, одвај чека да почне судскиот процес и се надевам дека надлежните од Јавното обвинителство, како големи верници, ќе му ја вратат патната исправа на Зоран Заев, за да може да се одмори за велигденските празници во некоја од соседните држави.

Вчера на својот фејсбук-профил напиша дека вистинските причини зошто „Алсат М“ реши да прекине со емитувањето на емисијата „Во Центар“ не е поради тоа што со последната емисија биле навредени чувствата на албанскиот народ, туку дека тоа е сценарио на Заев и на Шекеринска.

„Оваа е валкана војна. Јас сите мои битки сум ги добил, ќе ја добијам и ова. Ова не е моја битка со опозицијата. Ова е моја битка со Заев и со Шекеринска и нивното сфаќање на демократијата во која нема место за нивните неистомисленици“, напиша Ефтов.

Извор: Телеграф.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.