Египет бара меѓунарoдна воена интервенција против џихадистите во Либија

Официјален Каиро побара денеска од меѓународната заедница воено да се интервенира во Либија, против џихадистите на Исламска држава (ИД), па за реализацијата на оваа своја иницијатива покрена широка дипломатска акција, објави МИА.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси телефонски разговарал со францускиот претседател Франсоа Оланд и со италијанскиот премиер Матео Ренци за актуелната либиска ситуација, а министерот за надворешни работи Самех Шукри замина за Њујорк,барајќи подршка во Обединетите нации.

Египет, во меѓувреме, побарал и политичка и материјална подршка од анти ИД коалицијата,предводена од САД,во борбата со џихадизмот и екстремизмот.

Според претседателот Ал Сиси, она што се случува во Либија е закана за светскиот мир и безбедност.

– Неопходна е итна и ефикасна интервенција, рекол египетскиот претседател, предупредувајќи дека Либија е директна закана, пред се, за Европа, поради нејзината близина до Италија.

Барањето за воена интревенција против џихадистите и во Либија, покрај бомбардирањата во Сирија и Ирак,доаѓа откако египетската воена авијација, вчера, на два пати ги бомбардираше позициите на ИД во реонот на либискиот град Дерна,каде се лоцирани кампови, бази за обука и складишта со оружје на оваа милитантна исламистичка група.

Во Каиро се вели дека мали се шансите Европа и светот да се согласи со египетското барање, иако египетските политичари најпосле прифатија дека „хаосот во Либија“ не само што води кон растурање на оваа земја, туку претставува закана и за регионот и за пошироката меѓународна заедница,а посебно за ЕУ.

Официјален Рим се согласува да предводи меѓународни сили во Либија, но претходно бара завојуваните страни во земјата, да се согласат за прекин на огнот.

Претставник на кабинетот на Ренци, изјавил за каирските медиуми дека италијанскиот премиер и египетскиот претседател во телефонскиот разговор, се согласиле ситуацијата во Либија сепак, да се разрешува со дипломатски средства.

Либија е во хаос уште од 2011 година, веднаш по насилното соборување на дотогашниот лидер Моамер Гадафи и неуспехот на бунтовничката опозиција да се согласи околу идното уредување за исламистичка, или за умерено исламска држава.

Земјата и по четири години, се уште нема централна власт, ниту државни институции кои би управувале со Либија. Наместо тоа, постојат две влади-едната во Триполи, што ја сочинуваат политичари од стариот Парламент, а другата во Тобрук, каде е сместена меѓународно признаената либиска влада.

Вториот по големина град, Бенгази е под контрола на исламистички групи и милиции, некои поврзани со Ал Каеда, главното пристаниште во земјата, Мисрата е лојално на владата во Триполи додека во Дерна е сместена Исламска држава.

Египетската иницијатива тргнува од потребата за воена интервенција против ИД, онака како што Западот помогна со интервенција, да се собори Гадафи. Официјален Каиро вели дека пред да се извршат вчерашните воздушни напади врз позициите на ИД, била известена либиската влада во Тобрук.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.