Египет и Турција „се фатија за гуша“ во ООН

Делегацијата на Египет ги откажа средбите со своите турски коклеги на 69 сесија на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, јавуваат светските медиуми, пренесува Нетпрес.

Повод за ова била изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во која тој го искритикувал египетскиот претседател Абдула Фатах ал Сиси.

Ердоган изјавил дека Сиси дошол на власт во Египет со воен удар, со кој успеал да го собори легално избраниот Мохамед Морси.

– Треба да се почитува изборот на народот. Ако сакаме да поддржуваме воени удари, тогаш зошто постои ООН?, рекол Ердоган, повикувајќи ја светската организација да се вмеша похрабро во решавање на проблемите низ светот.

Египетските официјални лица веднаш изразиле негодување од изјавите, кои според нив, се полни со лаги и измислици и покажуваат непочитување спрема волјата на граѓаните на Египет.

– Во зборовите на турскиот претседател нема ништо чудно, особено ако се има во предвид дека тој постојано се стреми да сее хаос и раздор во блискиот Исток, поддржувајќи терористички групи и организации, како политички така и финансиски, и им овозможува и засолниште во неговата земја, а се со цел да ги навреди интересите на народите од регионот во името на своите лични амбиции и илузии од минатото, изјавил портпаролот на египетското министерство за надворешни работи.

Тој дополнил дека по една ваква изјава повеќе воопшто нема потреба да се одржи средбата, кој ја побара Турција, на министрите за надворешни работи на двете земји.

Вчера, пак, курдска организација, цитирана од американската новинска агенција „Асошиејтед Прес“, ја обвини Турција дека ги поддржува борците на „Исламска Држава“, кои се борат против курдските сили во Сирија.

Организацијата „Сојуз на курдските заедници“, тесно поврзана со Курдската работника партија (ПКК), предупредила дека ваквите чекори на официјална Анкара, може да го стават под знак прашање примирјето во Турција, кое стапи во сила во 2013 година.

– Меѓународната заедница прави многу малку за запирање на протокот на странските борци кон Сирија, рекол Ердоган и упатил дополнителна критика за Советот за безбедност на ООН, дека не дејствува доволно за некои од најчувствителните светски проблеми.

Во две одделни изјави во Њујорк, тој потенцирал дека неговата земја игра водечка улога во борбата со тероризмот, но не добива никаква помош од останатиот дел од светот.

– Ние можеме да го сопреме тој проток од странски борци. Тоа може да биде сторено само ако нашите пријатели и партнери, отворено не покажат желба за соработка. Тоа не е борба која Турција треба да ја води сама, рекол турскиот претседател на заседанието на Советот за безбедност, на која едногласно беше одобрена резолюција, според која земјите треба да се ангажираат засилено во борбата против врбувањето и транспортот на странски борци за вклучување во редовите на терористичките групи.

– Заканата од тие луѓе почнува во моментот кога ќе ја напуштат својата земја, посочил Ердоган и додал дека државите не соработуваат синхронизирано.

Според него, досега, турските власти не им дозволиле влез во змејата на близу 3.600 лица, а депортирале околу 1.000 странски државјани. Ердоган посочил и дека неговата земја направила голема жртва прифаќајќи повеќе од еден милион бегалци од Сирија, и околу 140.000 курдски бегалци, и тоа само минатата недела.

– И покрај нашата жртва и очекувања за солидарност, не добивме никаква поддршка од меѓународната заедница, изјавил Ердоган.

Понатака во својот говор за време на Генералното собрание на ООН, турскиот претседател ја обвинил светската организација дека не се ангажира во сопирањето на граѓанската војна во Сирија, во која досега загинаа повеќе од 200.000 лица, а исто така не прави ништо ниту за запирање на воениот конфликт во појасот Газа, во кој летово загинаа околу 2.000 лица.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.