Египет: Ново судење за новинарите Ал Џезира

Ново судење на двајцата новинари на Ал Џезира, кои се уште се во затвор во Египет, е закажано за в четврток на 12 февруари, соопшти Судот во Каиро, пренесува МИА.

Во јуни минатата година Мохамед Фахми и Бахер Мухамед беа осудени на седум, односно на 10 години затвор, но минатиот месец Врховниот суд на Египет ги поништи првичните казни и нареди ново судење.

Фахми и Мухамед, како и третиот новинар на Ал Џезира, Австралијанецот Питер Гресте, кои се вработени во каирското дописништво на оваа панарапска телевизија, беа уапсени во декември 2013 година. Тројцата беа обвинети за соработка и помагање на забранетата исламистичка организација Муслиманско братство.

Гресте, минатата недела беше пуштен од затвор и депортиран од Египет, како странец.

Во неговиот случај беше примената постапката предвидена со новиот египетски закон за протерување на затвореници-странци, па се веруваше дека тоа ќе може да се примени и за Мохамед Фахми, кој има двојно египетско и канадско државјанство.

Фахми веќе се откажа од египетското државјанство за да ја забрза постапката, а египетски и канадски функционери најавија дека тој ќе биде ослободен и протеран во Канада. Но, наместо тоа, сега тој заедно со Бахер Мохамед ќе мора да се појави на повторено судење.

Бахер Мохамед нема странско државјанство, па останува нејасно како ќе се постапи во неговиот случај, ако двајцата негови колеги бидат пуштени на слобода.

Сопругата на Мохамед изрази несогалсување што Питер Гресте е на слобода.

– Тие (тројцата) беа заедно уапсени и обвинети и требаше заедно да бидат и ослободени, рече сопругата на Мохамед, незадоволна што има ново судење, но сега без австралискиот новинар.