Египет: Сиси сака масовна поддршка затоа изборите ќе траат три дена

Претседателските избори во Египет ќе траат три дена, наместо два, со што би се овозможило поголем дел од граѓаните да гласаат, јавуваат египетските медиуми.

Поранешниот командант на војската, Абдел Фата ал Сиси, кој е и најголемиот фаворит на изборите, повеќепати повтори дека сака да биде избран со масовна поддршка.

На изборите се очекува лесна победа на ал Сиси, кој стекна голема популарност откако го сруши исламистичкиот претседател Мохамед Морси, во јули минатата година.

Единствениот противкандидат на Сиси е левичарот Хамдин Сабаи, кој за време на изборната кампања се претставил како бранител на социјалната правда.

Сабаи се претставува и како наследник на харизматичниот претседател Гамал Абдел Насер, борец за социјализам и движењето на неврзаните во текот на 50-те и 60-те години на минатиот век.