Египетските Копти го слават Божик

Рождеството Христово – Божик денес го слават и египетските Копти, народот со православна христијанска вера, а на полноќната служба во црквата Свети Марко во центарот на Каиро присуствуваше и претседателот Абдел Фатах ел Сиси.

Воедно тој е првиот египетски претседател што присуствувал на божиќна миса, јавува Танјуг.

Годинава службите во црквите се одвиваат со засилени мерки за безбедност поради можните напади од страна на исламските ектремисти.
Полицијата во пресрет на службата за Бадник во Каиро детално изврши претрес во повеќе од 300 цркви за да открие евентуално подметнати бомби, изјави генералот на полицијата Гамал Халава.

Во близина на црквите низ земјата поставени се контролни пунктови и привремено забрането е задржување на автомобили и мотоцикли.

Нападите на ектремистите се во пораст откако војската ја смени власта на исламистичкиот претседател Мохамед Морси во 2013-та година, а некои екстремисти на Синајскиот полуостров изразија лојалност кон Исламска држава и преземаа одговорност за рушењето на рускиот авион во кој минатата година животот го загубија 224 лица.

Египетските Копти силно ја поддржаа смената на Морси, а христијаните во Египет сега се изложени на поголем ризик за време на собирите. Нивните домови, компании и цркви често се изложени на напади.

Коптите прават околу 10 отсто од вкупниот број на жители што изнесува околу 90 милиони. Оваа христијанска заедница долго време се жалеше на дискриминација.