ЕХЦИ: Македонија е добар пример за Е-здравство

Македонија е рангирана на 16. место во Европскиот здравствен потрошувачки индекс (ЕХЦИ) со 700 од максимални 1.000 бодови што е скок од единаесет места во однос на 2013 година.

Таа е рангирана пред Италија и Шпанија, како и пред сите држави од регионот.

Во извештајот се наведува дека Македонија е добар пример како една мала држава, благодарејќи на својата цврста решеност, може да постигне голем напредок.

– Е-здравство треба да биде движечка сила за брзи промени, а на полето на правата и информирањето на пациентите, Македонија ги надминува дури и богатите држави од Западна Европа. Лекарот во примарната здравствена заштита може во присуство на пациентот да закаже преглед кај било кој специјалист. Тоа се услуги кои сеуште не можат да ги понудат ниту земјите со високи приходи. Времето на чекање во системот на здравствена заштита помалку или повеќе е отстрането за што многу земји се заинтересирани, се вели во извештајот.

Покрај напредокот на полето на Е-здравство, како предизвици на кои треба да се работи се „црвените“ бројки на смртност кај големиот број болести и смртноста на новороденчињата. На полето на превенцијата се оценува дека ситуацијата е подобра, но пушењето и понатаму останува предизвик.

На врвот на Европскиот здравствен потрошувачки индекс и понатаму останува Холандија со 898 од максимални 1.000 бодови, а по неа следуваат Швајцарија, Норвешка, Финска и Данска. Со истражувањето се опфатени 36 држави и Шкотска.

МИА