ЕК го казни Гугл со 4,3 милијарди евра

Европската комисија го казни Гугл со рекордни 4,32 милијарди евра поради злоупотреба на доминантната пазарна позиција со неговиот оперативен систем за смартфони, Андроид, објави денеска Европската комисија во своето соопштение.

Комисијата за пазарна конкуренција, на чело со Маргрет Вестагер, по 39 месеци истрага заклучи дека Гугл го прекршил принципот на слободна пазарна конкуренција бидејќи со финансиски поттици производителите на смартфони, кои го користат нивниот Андроид оперативен систем, ги натерал да го инсталираат пребарувачот на Гугл како дадена апликација, нарушувајќи го со тоа конкуретното право на останатите софтверски компании.

Исто така, производителите на телефони, како на пример Самсунг, имале обврска во договорот да мораат однапред да ја инсталираат апликацијата на пребарувачот на Гугл и Гугл Хром ако сакаат пристап до останатите апликации како Гулг Плеј Стор, Гугл Мапс и Г-маил.

Гугл користеше Андроид за да ја зацементира доминацијата на својот пребарувач. Со таа пракса се ускратени конкурентните компании да учествуваат и да се натпреваруваат во тој сектор. Тоа е противзаконски согласно антитруст правилата на Европска унија, изјави Маргрет Вестагер во соопштението.

Одлуката на ЕК, покрај паричната казна, им го враќа правото на производителите на смартфони за своите софтвери да одберат апликации од останатите производители. Американскиот концерн најави жалба на одлуката на Европската комисија.

Инаку во јуни минатата година регулаторното тело на ЕУ веќе го казни Гугл со 2,42 милијарди евра поради тоа што, според оценката на ЕУ, ја злоупотребил доминантната позиција на интернет, фаворизирајќи го својот сајт за споредување на цените на производите и на услугата „Гугл шопинг“.