Македонија

ЕК: Станува збор за „јазична грешка“, Македонија ќе добие 17 милиони евра, а не 700 милијарди

ЕК: Станува збор за „јазична грешка“, Македонија ќе добие 17 милиони евра, а не 700 милијарди

Станува збор за „јазична грешка“, Македонија ќе добие 17 милиони евра, а не 700 милијарди. Ова денес го нагласуваат од Европската Комисија откако претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, по синоќешната неформална вечера на шефовите на државите и владите на земјите-членки на Европската унија, даде шокантна изјава дека „БЈР Македонија ќе добие помош во износ од 700 милијарди евра од ЕУ за справување со бегалската криза”.

МИА јавува дека од Еврокомисијата денеска го „вадат“ првиот човек на неформалната Влада на Унијата дека направил „јазична грешка” при соопштувањето на сумата за помош на Република Македонија.

Јазична грешка: Македонија ќе добие 17 милиони евра и ќе ги дели со Србија

Неговата портпаролка Мина Андреева, денеска во изјава за МИА истакна дека, сепак, не станува збор за таква огромна сума, туку само за 17 милиони евра помош, што Македонија ќе ги дели со Србија.

Претседателот изјави вчера пред Европскиот совет дека Комисијата ќе мобилизира „повеќе средства за да се стабилизира нашето непосредно соседство: до 1 милијарда евра за Турција и 17 милиони за Србија и за БЈР Македонија”. Потврдувам дека тоа е правилната бројка. Конфузија можеби се појави како резултат на спојување на повеќе различни бројки за кои се дискутираше како резултат на тоа што Комисијата предложи вчера, а бидејќи прес-конференцијата се одржа во доцните вечерни часови. Но, јас потврдувам не станува збор за 700 милијарди евра што би можело да бидат доделени на Србија и Македонија. Сите официјални документи нагласуваат дека сумата е 17 милиони евра, појаснува портпаролката Андреева во изјава за МИА.

Како што вчера прва објави МИА, Еврокомисијата преку фонд за „Управување со бегалската криза: Непосредно оперативни, буџетски и законски мерки во рамките на Европската агенда за миграција”, предложи до Советот, а синоќа шефовите на државите и Владите на ЕУ-земјите тоа и го усвоија, на Турција да и се додели една милијарда евра, а на Македонија и Србија по 17 милиони евра буџетска помош во справувањето со кризата со бегалците од Арапскиот свет и Африка.

Работејќи со нашите најблиски соседи, долги години е граден притисокот на Турција, Либан и Јордан со тоа што милиони бегалци ја напуштија Сирија. Односот кон политичките превирања е комплексен, но мора да ги засилиме нашите напори, па затоа ЕУ е подготвена да мобилизира една милијарда евра за Турција и 17 милиони евра за Србија и БЈР Македонија да им помогне на нашите соседи да се справат со миграцискиот предизвик, се вели во нацрт-документот на ЕК што вчера го усвои Европскиот совет.

Со ова се појаснува конфузијата што вчера ја создаде самиот Жан-Клод Јункер со изјавата дека „ЕУ обезбедува за Македонија помош во износ од 700 милијарди евра за справување со бегалската криза”. Сепак, се работи за само 17 милиони евра што нашата држава ќе ги подели со Србија. А, Јункер, кој е познат по слободниот и опуштен стил на живот, самиот не криејќи дека обожува да се дружи со алкохолот и цигарите, очигледно ќе треба да поработи на концентрацијата. Ова посебно за него кога работи во доцните вечерни часови, а треба да внимава и на гафовите, со оглед на тоа што пред две недели исто така се извинуваше дека направил лапсус кога унгарскиот премиер Виктор Орбан го нарече „диктатор”.