ЕК: Корупцијата и притисокот врз медиумите- проблем на Балканот

Корупцијата и ограничувањето на медиумската слобода, им ги попречуваат напорите на Црна Гора и Србија на патот кон членство во Европската Унија, оценува Европската Комисија (ЕК) во годинешниот извештај за напредокот на балканските земји.

Црна Гора е најблиску до членство во Унијата во споредба со останатите земји од Западен Балкан, оценува ЕК истовремено предупредувајќи дека преговорите ќе бидат успорени доколку не се направи видлив напредок во реформите во правосудството.

Србија реализирала голем чекор во борбата против корупцијата откако во јануари биле отворени преговори за членство. Меѓутоа, Брисел истакнува дека Белград мора да го осигура функционирањето на независно судство и да продолжи во борбата против корупцијата која и понатаму преовладува во многу области.

Проблем за членство на Србија во ЕУ е и тоа што дозволила градење на рускиот гасовод Јужен тек, како и нејзиното објаснување дека не се придружува кон западните санкции за Москва поради кризата во Украина.

Босна и Херцеговина и понатаму е во застој во воспоставувањето на функционални институции. Кога станува збор за Косово, проблемот, според ЕК и понатаму останува во недостатокот на независно судство и проблемите со корупција.