ЕК: Македонија со втор најголем раст на БДП во Европа

Република Македонија оваа година ќе има втор најголем раст на бруто-домашниот производ (БДП) во цела Европа, се наведува во есенската економска прогноза што денеска ја лиферуваше Европската комисија. Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, со раст на БДП од 3,3 проценти, Македонија е подобра од 28 земји-членки на Европската унија, како и од Унијата во целост, од Еврозоната, САД и Јапонија. Единствено Ирска, која пред неколку години беше под закана од финансиски банкрот, годинава е предвидено да заврши со економски раст од 4,6 отсто од БДП, што ја прави шампион на „стариот континент”.

Кипар, Италија и Хрватска се земјите што и годинава ќе останат во рецесија, додека Грција по седум години во рецесија, се очекува да оствари минимален економски раст од 0,3 отсто на БДП.

На високото второ место според растот на бруто-домашниот производ, Македонија, според прогнозата на Еврокомисијата, ќе остане и идната година, кога е предвиден раст од 3,4 проценти (со што повторно би била само зад Ирска, која би имала 3,6 проценти раст), додека за 2016 година, БДП-то на нашата земја се очекува да има раст од 3,6 отсто, кога, според прогнозите на Брисел, само Грција и повторно Ирска би биле пред нас со по 3,7 проценти раст.

Позитивен тренд Македонија се прогнозира дека ќе има и во однос на стапката на невработеност, која од 31,4 проценти во 2011 година, годинава се очекува да падне на 28,5 отсто. За 2015 година, ЕК предвидува раст на вработеноста за 2,1 проценти, а за 2016 година, просекот на бројот на вработени во Македонија да порасне за 2,3 проценти, кога стапката на невработеност би се намалила на рекордни 26,6 проценти.

Сепак, во поглед на невработеноста, Македонија и со овој позитивен тренд се прогнозира дека ќе остане на дното во Европа, бидејќи Грција и Шпанија, кои во моментов имаат најлош просек од по 26,8 и 24,8 проценти невработени, за две години се очекува да паднат на 22 проценти.

Годинешниот буџетски дефицит на Република Македонија се очекува да биде четири проценти, што ја сместува земјата во средината на европската табела. Истиот, ЕК прогнозира дека ќе се намали на 3,8 отсто во 2015 и на 3,5 проценти во 2016 година. Јавниот долг на државата се очекува годинава да достигне 40,2 проценти и истиот да порасне до 43,5 отсто за две години. Тоа, сепак, ја прави Македонија една од најниско задолжените на европскиот континент, ако се знае дека долгот, чија граница на дозволеното Брисел ја псотавува на 60 отсто од БДП, годинава ќе ја надминат дури 15 земји-членки на ЕУ, предводени од Грција со 175,5 проценти во однос на БДП. Сепак, сите европски змеји се очекува да имаат тенденција на намалување на јавниот долг, со исклучок на Хрватска, која од 81,7 отсто јавен долг годинава, се очекува да достигне 89 проценти во однос на БДП.

Инфлацијата во Македонија, Комисијата прогнозира дека ќе биде 0,7 оваа година и дека таа ќе порасне на 1,2 отсто во 2015 и на 1,7 проценти во 2016 година, додека билансот на тековното плаќање од минус 3,3 отсто годинава, се прогнозира дека ќе достигне -3,5 отсто за две години.

Со наслов “Пошироко-базирано забрзување на економскиот раст”, Еврокомисијата за нашата земја потенцира дека економското заздравување напредува, управувано од натамошното зајакнување на домашната побарувачка, особено од јавните и странски директни инвестиции и динамичната извозна активност. Според ЕК, приватната потрошувачка се очекува да остане издржлива, зајакната од понатамошното постепено зголемување на вработувањата.

– Со оглед на ограничените напори за фискална консолидација и големите финансиски потреби за јавните инфраструктурни проекти, јавниот долг најверојатно ќе се зголеми уште повеќе – наведува неформалната Влада на Европската унија во есенската економска прогноза за Македонија.

Истакнувајќи дека домашната побарувачка зајакнува во првата половина на оваа година, ЕК посочува дека во овој период, реалниот БДП се зголемил за околу 3,9 проценти, по годишниот раст од 2,7 отсто во 2013 година. Подобрувањето на растот е одлучно префрлен од надворешниот сектор на домашната побарувачка и по разочарувачкиот настап во 2013 година, според Комисијата, инвестициската активност отскокнаа во првиот квартал, поттикната од трошоците во јавната инфраструктура и со етаблирање на нови странски компании.

Сепак, се наведува дека тоа било речиси рамно во вториот квартал, додека градежната активност, по зголемувањето во првиот квартал, дека сега стагнира, далеку од постигнувањето од 32 проценти годишна стапка на раст од 2013 година. Производство на извозни продукти, според ЕК било управувано од индустријата за храна и облека, како и со нови инвестиции во индустријата за моторни возила, што се покажало одржливо, растејќи со стапка од 4,3 проценти на годишно ниво во првите осум месеци од оваа година.

Нето-извозот, пак, се наведува дека придонел негативно на растот, со големина на увоз, во голема мера поврзана со инвестициите, пораснала со стапка од 8,1 отсто, наспроти импресивните 13,3 проценти пораст на извозот.

– Гледајќи напред, домашната побарувачка веројатно ќе се зајакне уште повеќе и ќе стане единствениот фактор за раст на економијата. Потрошувачката на домаќинствата е поддржана од континуираната бенигна инфлаторна животната средина, пониските цени на храната и на увезените стоки. Тоа придонесе за препуштање на околностите на економијата во дефлација во првата половина на 2014 година – наведува Еврокомисијата за нашата земја.

Од пролетта наваму, во документот за Македонија се вели дека динамиката на цените, како и зголемувањето на номиналните плати, го кренале просекот на нето-платите. Зголемувањето на платите во јавната админситрација и на пензиите, очекуваното забрзување на растот на вработувањата, робустните дознаки од странство и силното трошење општествен капитал, според Еврокомисијата, ќе ја зајакне приватната потрошувачка и инвестициите, помогнато од понатамошно зајакнување на кредитниот раст.

Со назнака дека структурни предизвици го попречуваат создавањето работни места, во есенската економска прогноза за Македонија посочува дека состојбата на пазарот на труд останува напната, а дека структурните проблеми, како што се недостатоците во образованието и системот за обука, го попречуваат позитивниот пренос на цикличен пораст на вработеноста. Додека вкупната стапка на невработеноста и понатаму маргинална опаѓа, управувано намалувањето на бројот на невработените и зголемување на работната сила, стапката на невработени млади работници се зголемила уште повеќе во првата половина на 2014 година.

– Вработувањата во областа на производството, кои се околу една петтина од вкупниот број на вработувања, останаа стабилни во првата половина на годината, зацврстувајќи го бројот на работни места во индустријата, која достигна седум проценти на годишно ниво. Во текот на период од оваа до пролетната прогноза во 2015 година, се очекува дополнително вработување, што ќе произлезе од силната инвестициска динамика, и од проширувањето на производството од страна на голем број на странски фирми, при што  цената на трудот ќе се зголемува само умерено, се наведува во документот за Македонија.

Надворешната нерамнотежа и понатаму е содржана, наведува ЕК и додава дека поддржано од стеснувањето на стоковиот трговскиот дефицит и силните приливи од приватни трансфери, салдото на тековната сметка се подобрило. Во четири квартали до јуни оваа година, истото изнесувало 1,5 отсто од БДП, во споредба со просекот од 1,8 проценти во 2013 година. Поттикнати од пет милионската еврообврзница во јули, наведено е дека девизните резерви остро се зголемиле и во исто време, оваа операција, исто така го покренала нивото на надворешниот долг на јавниот сектор за околу 32 проценти во однос на крајот на 2013 година, со што вкупниот Бруто-надворешен долг е зголемен за пет индексни поени до 68 отсто од БДП. Сепак, ЕК предвидува дека ова ќе биде малку променето во наредните години, додека Владата ја откупува претходната еврообврзница, како и отплаќањето на кредитите од ММФ.

Сепак, Комисијата предупредува дека увозот ќе се покаже како препрека за раст. Гледајќи напред, порастот на увозот е поставен да се забрза значително во 2014 година, за сметка на инвестициите поврзани со потребите кои произлегуваат од јавните инфраструктурни проекти и од новите странски директни инвестиции. Во следните две години, се предвидува дека динамиката на извозната активност постепено ќе го победи порастот на увозот, како што новите странски компании ќе почнуваат со производство, па негативниот придонес на нето-извозот во растот на БДП ќе биде на ниво на исклученост.

– Предизборните трансфери и плаќања на субвенциите натежнаа во голема мера на јавните расходи во текот на првата половина на 2014 година. Даночните приходи останаа под нивото од претходната година. Владата го покрена сеопфатниот дефицит на 3,8 проценти од БДП, комплицирајќи согласност со среднорочната фискална стратегија, која предвидува консолидацијата базирана на трошок да се намали дефицитот на 2,6 отсто до 2016 година – наведено е за Македонија.

Во отсуство на конкретни мерки за консолидирање и со оглед на натамошното проектирано кревање на овластувањата и трошењето на јавната инфраструктура, како и неизвесните изгледи за приходи, есенската прогноза за нашата земја предвидува намалување на дефицитот во иднина, што најверојатно ќе остане скромно.

На крајот од есенската економска прогноза на Брисел за Македонија, се предвидува дека долговите, најверојатно, ќе се зголемат уште повеќе. Наведено е дека управувано од примарниот дефицит, јавниот долгот, кој изнесуваше 34 отсто од БДП на крајот на 2013 година, се предвидува да се зголеми дополнително за цели седум индексни поени.

– Ова зголемување, најверојатно ќе биде надминато со подемот на вкупниот јавен долг, со оглед на потребите за финансирање на јавни инфраструктурни проекти кои се во голема мера управувани од страна на претпријатијата во државна сопственост. Додека овие инвестиции, најверојатно ќе го подигнат потенцијалот за економски раст, нивното финансирање преку државно загарантираните заеми повлекува фискални ризици поради сродниот пораст во превземените обврски на Владата, се заклучува во најновата прогноза на неформалната Влада на ЕУ за нашата земја.

Еврокомесарот и потпретседател на Европската комисија задолжен за работни места, раст, инвестиции и конкурентност, Јурки Катаинен, истакна дека состојбата со економијата и вработувањата не се подобрува доволно брзо. Тој посочи дека Еврокомисијата е посветена на тоа да ги искористи сите достапни алатки и ресурси за да овозможи повеќе работни места и раст во Европа.

– Ние ќе доставиме план за инвестирање на 300 милијарди евра со цел отпочнување и одржување на економското закрепнување. Забрзување на инвестициите е важен дел на економското закрепнување на Европската унија, истакна Катаинен.

Пјер Московиси, кој е комесар за економски и финансиски прашања, оданочување и царина на Унијата, додаде дека не постои единствен и едноставен одговор на предизвиците со кои се соочува европската економија. Според поранешниот француски министер за надворешни работи, ЕУ треба да дејствува преку три фронта: за веродостојна фискална политика, амбициозни структурни реформи и повеќе од потребни јавни и приватни инвестиции инвестиции.

– Сите во Брисел мора да ги претпоставиме нашите одговорности, во националните престолнини и во нашите региони, со цел да се генерира повисок раст и да се испорача вистински поттик на вработувањето на нашите граѓани, посочи Московиси.

Инаку, економските прогнози на Европската комисија, кои се издаваат двапати годишно (пролетна и есенска) имаат за цел земјите од Европа да можат да ги споредат сопствените статистички податоци со оние на Брисел, но и ЕУ да има увид во вистинската економска кондиција на сите на “стариот континент”. Овие прогнози, Еврокомисијата започна да ги прави самостојно, откако се докажа дека во случајот со Грција, некои земји-членки на ЕУ, а и земји-аспиранти за членство во Унијата, ги фабрикувале своите економски податоци со цел да ја прикријат својата катастрофална економска состојба, поради што целата Европска унија и Еврозоната беа вовлечени во тешки економски проблеми.

МИА