ЕК најави противмерки на одлуката на САД за воведување царини на алуминиумот и челикот

Европската комисија во четвртокот ја осуди одлуката на САД за воведување на царините на увозот на алуминиумот и челикот од Европската унија, и најави противмерки и покренување на механизмот за решување на споровите во Светска трговска организација (СТО – WTO).

Европската комисија се огласи речиси истовремо со најавата од Вашингтон дека ќе воведат дополнителни царини на увозот на челик и алуминиум од ЕУ. Претседателот на Европската комсија, Жан-Клод Јункер, истакна дека е загрижен поради оваа американска одлука.

„Укажавме дека сме отворени за дијалог и за изнаоѓање начини за подобрување на билатералната трговија. САД не ни оставаат избор освен да се обратиме до Светската трговска организација за воведувањето дополнителни давачки. Ќе ги одбраниме интересите на Унијата во согласност со меѓународните трговски закони“, истакна Јункер.

Со слична реакција се јави и еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром.

„Ова е лош ден за светската трговија… Ова не е начин на правење бизнис особено не помеѓу долгогодишни партнери, пријатели и сојузници, сега кога е појасно, одговорот на ЕУ ќе биде пропорционален„, истакна Малмстром.

Европските челнции сметаат дека американската одлука не е во согласност со меѓународните прописи, и поради тоа ЕУ ќе ги преземе сите мерки за да го заштити европскиот пазар од штетни последици.

Малку претходно САД ја остварија заканата за трговска војна со партнерите објавувајќи го воведувањето за царините на увозот на алуминиумот и челикот од Европската унија, Канада и Мексико, коишто беа изземени до 1-ви јуни, што значи дека новите намети стапуваат на сила во петок.

Претходно денеска американскиот секретар за трговија, Вилбур Рос, им соопшти на новинарите дека од полноќ стапува на сила одлуката за воведување на најавените царини за увоз на алуминиум и челик од Европската унија, Канада и Мексико. Тоа значи дека САД одлучиле да не го продолжуваат привременото изземање од наплаќањето на царините за коишто се договори со Брисел до четвртокот на полноќ.

„Очекуваме продолжување на преговорите, како со Канада и Мексико, така и со Европската унија, бидејќи постојат и други прашања коишто, исто така, треба да ги решиме“, изјави Рос на прес-конференцијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно воведе мораторим на одлуката за стапувањето во сила на царините за увоз од ЕУ, Канада и Мексико, кој истекува и нема да биде проодлжен. Во иднина, извозот на челик од овие три земји кон САД ќе се оцаринува со 25 отсто, а извозот на алуминиум со 10 отсто.