Македонија

ЕК не го осудува вербалниот геноцид на Самарас врз Македонците

ЕК не го осудува вербалниот геноцид на Самарас врз Македонците
Европската комисија не го осудува вербалниот геноцид врз Македонците на актуелниот премиер на Грција, Андонис Самарас, по неговата синоќешна изјава на предизборниот митинг на неговата партија Неа Демократија во Солун, каде порача дека „македонското име, историја, јазик и идентитет се грчки”! Како што јавува МИА, главниот портпарол на неформалната Влада на Европската унија, Гркот Маргаритис Схинас, одби во име на темелните вредности врз кои почива Унијата, меѓу кои е и правото на сопствен идентитет, јазик и себепромоција на европскиот континент, Комисијата да го осуди овој вербален геноцид врз македонскиот народ на лидер на една од земјите-членки на ЕУ.
На прашањето на дописникот на МИА од Брисел дали во време на постојаната промоција на културно-историските, идентитетските и јазичните различности низ Европа на официјален Брисел, Комисијата ќе застане против ова јавно негирање на идентитет, јазик и име на Македонците од страна на највисоките политички претставници на ЕУ-земја, грчкиот гласноговорник на ЕК, кој е роден во Солун, градот каде Самарас ја испрати оваа порака, со одговор:
– Ја гледам Маја (Коцијанчич, портпаролка на комесарот Јоханес Хан, н.з.), но гледајќи ја нејзината реакција ќе ве упатам на добро познатата позиција на Европската унија на оваа тема, одговори портпаролот Схинас.
Ова противење на Еврокомисијата да застане во одбрана на темелните вредности врз кои почива Европската унија е уште еден доказ за дволичноста на Брисел кога станува збор за македонското прашање. Имено, официјалниот став на Комисијата, на кој се повикува портпаролот Схинас е дека ЕУ ќе го почитува заеднички-прифатливото решение што Македонија и Грција ќе го постигнат за разликите околу името, во рамки на процесот на преговори што се одвива во Обединетите нации.
Но, во случајов, со јавно признание на претседателот на Владата на Грција, јужниот сосед на Македонија не го негира и става на маса само уставното име на нашата земја, туку и јазикот, идентитетот на народот, културата и историјата, што излегува од рамките на преговорите под капата на ООН, но и го крши основните човекови права на Македонците за самоидентификување.