Македонија

ЕК почна да ја ословува Македонија под уставното име

ЕК почна да ја ословува Македонија под уставното име

Европската комисија започна да ја ословува Република Македонија како „Македонија”, а не со привремената референца поранешна Југословенска Република Македонија, како што официјално не има признато Европската унија.

Како што јавува МИА, случајно или не, во редовниот извештај за средби на еврокомесарите, денеска Еврокомисијата објави дека коемсарот за здравство, Витенис Андриукаитис, во вторникот се сретнал со министерот за здравство на Македонија, Никола Тодоров.

-Господинот Витенис Андриукаитис го прими министерот за здравство на Македонија, господинот Никола Тодоров – наведува неформалната Влада на Европската унија во редовната брошура за средби и посети на еврокомесарите.

Дали се работи за нов пристап на Брисел во условувањето на нашата земја и започнување на употребата на устаното име Република Македонија или Македонија, од Комисијата денеска не сакаа да одговорат. Она што е симптоматично е што “македонизирањето” на “фиромјаните” од страна на Еврокомисијата доаѓа два дена по парламентарните избори во Грција и еден ден по составувањето на новата грчка Влада на чело со Алексис Ципрас, која воопшто не е по ќеиф на Европската унија, бидејќи се залага за простување на долгот кон Хеленската Република и е контра санкциите на ЕУ за Руската Федерација.

Дека има нешто чудно во употребата на терминот Македонија од страна на Еврокомисијата, посочува и денешниот напис во европскиот магазин „ЕУ-Њуз”, кој коментирајќи ја објавата за средба на еврокомесарот Андриукаитис со министерот за здравство на Македонија со наслов: „Не ФИРОМ, туку Македонија – Комисијата се лизга за името на државата”, го коментира овој потег на неформалната европска Влада и посочува дека се работи за можна промена на односите на Брисел кон Скопје и Атина.

– Два дена по изборите во Грција, на кои не се гледа со задоволство, погрешно „одвраќање” донесе извршното тело на ЕУ, идентификувајќи министер од Скопје како од “Македонија” наместо од „поранешната југословенска Република Македонија”. Европската комисија ја признава Република Македонија како Македонија, со што става крај на спорот што се одолговлекува за името. Што се случува во Брисел? Ништо, само едноставни пропусти со резултат одвлекување на вниманието, кои нема да ја задоволат Грција, два дена по изборите кои беа удар во брадата. Прашањето за името на поранешната југословенска Република Македонија е едно од оние бескрајни приказни: Македонците од поранешна Југославија тврдат дека се во Македонија од почетокот на деведесеттите години, кога прогласија независност. ЕУ, сепак, ги признава како поранешна југословенска Република Македонија (ПЈРМ, акроним), додека Грција љубоморно го чува за себе регионот Македонија, поради што преговорите за пристапување на Македонија кон ЕУ се во застој поради прашањето за името, гласи текстот на реномираниот европски магазин.

На крајот во овој напис на италијанскиот новинар Емануеле Бонини се нпосочува на средбата на комесарот Андриукаитис со министерот за здравство на Македонија, Никола Тодоров, со заклучок дека ако е ова грешка на Брисел, дека Грците ќе ја наплатат скапо. (текстот на ЕУ-Њуз може да се прочита на овој линк:http://www.eunews.it/2015/01/23/non-fyrom-ma-macedonia-la-commissione-scivola-sul-nome-del-paese/29015)

фото: МИА