ЕК се огласи за вчерашниот инцидент во Белград

Европската комисија денес ги поздрави српските власти за начинот на кој се справиле со ситуацијата на вчерашниот фудбалски натпревар во Белград.

-Според нас српските власти покажаа професионализам при справувањето со ситуацијата, изјавила Маја Коцијанчич, портпарол на високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Кетрин Ештон.

-Разочарани сме од тоа што се случи. Не ги прифаќаме забелешките на некои медиуми дека ЕУ е вмешана во тој инцидент. Политиката не треба да се користи за провокации на стадионите, додадала таа.

Фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Србија и Албанија, што се одигра за квалификации за учество за Европското првенство 2016. беше прекинат синоќа во 42-та минута по инцидентот со албанското знаме.

Братот на албанскиот премиер, Олси Рама беше уапсен синоќа во ВИП ложата на стадионот „Партизан“, под сомнение дека го организирал и раководел со инцидентот со албанското знаме, по што натпреварот беше прекинат. Подоцна тој беше ослободен и вратен во Албанија.