ЕК: Сеуште не е одлучено дали ќе се праќаат експерти за случајот „Пуч“

Европската комисија се уште не одговорила на писмото-покана од македонското обвинителство за испраќање меѓународни ескперти по право со цел да го набљудуваат судскиот случај „Пуч”, што се очекува наскоро да започне, а во кој меѓу другите, обвинет е и лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев за соработка со странски тајни служби и уцена на државниот врв.

Како што пренесува МИА, портпаролката на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, денеска посочи дека Брисел се уште не одлучил дали и кого ќе испрати да го мониторира судскиот случај „Пуч”.

– Во оваа фаза немам многу што да кажам. Ние примивме писмо, но и ставивме до знаење што се нашите очекувања и во моментов немам некаква нова информација. Кога ќе имам нешто повеќе, ќе бидам среќна да го споделам. истакна Коцијанчич.

Запрашана дали е вистина дека еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, веќе дал потврда за испраќање правни експерти во Македонија, со цел набљудување на судскиот случај поврзан со објавувањето на прислушувани телефонски разговори на највисоко државното раководство, гласноговорничката на неформалната Влада на Европската унија одби да одговори.

– Како што реков, не можам да потврдам никакви шпекулации во моментов, рековме јасно што очекуваме од Македонија. Реков исто така дека во моментот кога ќе имаме нешто да кажеме повеќе од тоа што го кажавме досега, тогаш тоа ќе го направиме, додаде Коцијанчич.

И покрај официјалниот став на Комисијата дека нема одлука за испраќање правни ескперти во Македонија, според шпекулациите, веќе се работи на избор на лица што би го следеле случајот „Пуч”, а кои уживаат меѓународен углед за својата правна стручност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.