четврток, 25 мај 2017  |  Вести денес: 22

ЕК: Состанокот на лидерите од западнобалканската миграциска рута е продолжение на Самитот од октомври

Европската комисија нема генерална идеја или не сака да соопшти јавно зошто вечерва нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер, заедно со првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск, организираат работна вечера со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, неговиот српски колега Томислав Николиќ и со премиерите на Словенија и Хрватска, Миро Церар, односно Тихомир Орешковиќ.

shinas

Последни вести

Европската комисија нема генерална идеја или не сака да соопшти јавно зошто вечерва нејзиниот претседател Жан-Клод Јункер, заедно со првиот човек на Европскиот совет Доналд Туск, организираат работна вечера со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, неговиот српски колега Томислав Николиќ и со премиерите на Словенија и Хрватска, Миро Церар, односно Тихомир Орешковиќ.

Се работи за продолжение на Самитот од октомври

Ова, како што јавува МИА, може да се заклучи од денешниот нејасен одговор на главниот портпарол на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас, запрашан за поводот и очекувањата од денешниот неформален мини-Самит за бегалската криза.

Според Схинас, се работи за продолжение на Самитот од 25 октомври 2015 година, кога исто така Иванов ја претставуваше Македонија на состанок со шефовите на државите или владите на земјите низ кои минува западнобалканската миграциска рута.

За тоа што е менито на вечерашната дискусија, советувам да ја најдете декларацијата на Самитот за Западен Балкан што се одржа во оваа зграда на 25 октомври под претседателство на Жан-Клод Јункер. Ова беше почеток на процес што сега почнува да ги бере плодовите. Не велиме дека најдовме решение за сите проблеми на западнобалканската рута, но благодарение на овој процес што го покренавме на 25 октомври минатата година, сега имаме систем што овозможува луѓето да разговараат меѓу себе, да се координираат, да не вперуваат прст еден кон друг или да се игнорираат, како што беше случај пред 25 октомври, посочи портпаролот Схинас.

Како што е познато, во Декларацијата на земјите на западнобалканската рута, вклучително и Македонија, треба да обезбедат капацитет за прием на подолг престој на најмалку 50.000 бегалци, за колкав број се обврза и Грција.

Според Схинас, сега Еврокомисијата има мрежа од контакт-точки што се состануваат на неделна база, целосно транспарентно и ова, како што посочи, е начин да се антиципираат проблемите, да се координира движењето и да се обезбеди поддршка.

Но, како што е познато, освен капацитет за прием на 2.000 бегалци и тоа за период од 72 часа, Македонија не понуди и нема намера да понуди дополнителни капацитети за подолготраен прием на бегалци.

ЕК ќе продолжи активно да го поддржува овој процес преку ова многу навремена иницијатива што претседателот Јункер ја превзеде во тоа време и неговото учество, заедно со Доналд Туск вечерва е уште еден чекор во овој процес од состанување на лидерите од западнобалканската рута и лидерите на земјите-членки на ЕУ, што се засегнати од западнобалканската рута, да соработуваат поблиску едни со други, додаде Маргаритис Схинас.

Брисел ги идентификувал Србија и Македонија како две земји каде ќе ја фокусира својата помош

Портпаролката на Еврокомисијата задолжена за миграциски прашања, Наташа Берто, пак истакна дека Брисел преку Европската миграциска агенда ги идентификувал Србија и Македонија како две земји каде ќе ја фокусира својата помош, посебно во однос на миграцијата.

Како што знаете, во понеделникот и доделивме десет милиони евра на Македонија, а за Србија во моментов имаме потреба од оценка и гледаме на можноста за испорака на помош, истакна Берто.

Инаку, вечерашната работна вечера во Европскиот совет посветена на бегалската криза долж западнобалканската миграциска рута, на која ќе присуствува претседателот Ѓорге Иванов, започнува во 20:30 часот и по нејзиното завршување се очекува заедничко соопштение на лидерите на Македонија, Словенија, Србија и Хрватска заедно со лидерскиот двоец на ЕУ – Жан-Клод Јункер и Доналд Туск.

Најчитани вести