вторник, 23 мај 2017  |  Вести денес: 15

EK: Спорот за името мора да биде ургентно решен

spor

Последни вести

Во денеска објавениот извештај за напредокот на Македонија од страна на Европската комисија се истакува дека Македонија генерално одржува добри односи со другите земји кои се дел од процесот на проширување и игра активна улога во регионалната соработка. За односите со Грција, наведено е дека е потребно да се преземат мерки за да се подобрат добрососедските односи. „ Спорот за името мора да биде разрешен како ургентно прашање “, пишува во извештајот, пренесува МИА.

Подетално, во делот на извештајот посветен на македонските односи со Грција, се забележува дека спорот за името и понатаму силно влијае врз односите.

– Немаше формални разговори за спорот за името, во процесот под покровителство на Обединетите нации. Редовни средби на официјално и експертско ниво се одржаа во јуни 2015 во Скопје. Грчкиот министер за надворешни работи го посети Скопје првпат по 11 години. По овој повод, двете страни се согласија по низа важни мерки за градење доверба. Економските и трговските односи продолжија нормално, пишува во извештајот, во кој Македонија се ословува под времената референца. Зборот „Македонија” ниту еднаш не се користи самостојно во извештајот, а придавката „македонски” е употребена двапати. Ова прашање во изминатите години беше една од точките околу која спореа Македонија и ЕК, при што македонскиот претседател Ѓорге Иванов најави дека нема да го прими извештајот доколку Комисијата ја запре употребата на придавката „македонски”. Во годинашниот извештај, еднаш се вели „македонската Влада”, а еднаш „македонската администрација”.

Од другите соседни и регионални земји, во извештајот е забележано дека односите со другата членка на Европската Унија во регионот, Бугарија, исто така се оптоварени со различно гледање на историјата, и дека продолжиле преговорите за постигнување на билатерален договор за добрососедство. Македонија и Бугарија одржале повеќе средби на високо ниво, соработувале во полето на одбраната и во инфраструктурни проекти. Односите со другите земји, како Турција, Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна се обележани како добри или во фаза на натамошен развој. Во односите со Косово, извештајот забележува дека тие и понатаму се развиваат.

– Како одговор на обвинувањата дека нападот врз полициската станица во Гошинце бил поттикнат од Косово и дека косовски граѓани биле вмешани во инцидентите во Куманово, Владата на Косово повика на почитување на територијалниот интегритет на земјата (Македонија) и го осуди насилството. Владата на Косово исто така повика на целосно имплементирање на Охридскиот рамковен договор, стои во извештајот.

Односите на Македонија со Албанија се оценети како генерално добри. – Реакцијата на албанската Влада на инцидентот во Куманвоо беше да повика на смиреност и транспарентна (меѓународна) истрага на настаните, притоа со почитување на територијалниот интегритет на земјата (Македонија). Албанската Влада ја подвлече својата загриженост за целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор, пишува во извештајот.

Извештајот посветува еден пасус на новоотворениот Берлински процес, со кој шест држави од Балканот беа повикани да ја засилат меѓусебната соработка, и притоа да добијат посериозна европска поддршка за изградба на инфраструктурни проекти во регионот. – Во април шесте земји од Западниот Балкан постигнаа согласност за клучните транспортни проекти во регионот, кои ќе се поврзат со европските коридори и ќе ја подобрат поврзаноста внатре во Западниот Балкан, и со Европската Унија. На состанокот на земјите во Виена во август, тие се обврзаа од злоупотребување на меѓусебните билатерални прашања во процесот на проширување на Европската Унија, и разговараа за други итни проблеми, вклучително и мигрантскиот притисок врз Европа, се вели во извештајот.

Од други прашања од областа на надворешните односи и регионалната соработка, ЕК и забележува на Македонија за билатералниот договор со Соединетите Американски Држави од 2003 година, со кој американските граѓани се изземени од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд. Ова, според ЕУ, е во спротивност со европските позиции и Македонија треба да го смени својот став по ова прашање.

Што се однесува до извештаите за другите земји кандидатки за членство или потенцијални кандидатки, оценките се слични како за Македонија. За Албанија се вели дека е потребно да гради врз досега постигнатиот напредок, но уште работа е потребна во областа на владеењето на правото, реформи на судството и докажува дека земјата се бори против корупцијата и организираниот криминал. Што се однесува до Босна и Херцеговина, Европската комисија оценува дека земјата повторно почнала со спроведувањето реформи.

За Косово, Европската комисија забележува дека земјата направила тешки одлуки во врска со создавањето на специјален суд и обвинителство за воени злосторства и во постигнувањето договор со Србија за повеќе отворени прашања во август. Косово потпиша договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ во октомври, што, според евокомесарот Јоханес Хан, е историски чекор за косовските односи со Европа и го заокружува процесот на потпишување вакви договори со целиот Балкан.

Србија направила значителни чекори напред, со што се приближува до можноста за отворање на првите поглавја од преговорите. Хан изрази надеж дека тоа што може да се случи уште во текот на 2015 година. Од Србија, покрај спроведување на договорите со Косово, се бара посветеност кон реформи во судството, борба против корупцијата, да обезбеди слобода на изразување, заштита од дискриминација, реформи во јавната администрација и во економијата.

За Црна Гора, еврокомесарот Хан изјави дека постигнала напредок во преговорите, со осум отворени поглавја, пред се благодарение на напредокот во областа на владеење на правото. Сепак, од Црна Гора се бара да покаже дека е подготвена да се бори против корупцијата и организираниот криминал. Имајќи ги предвид неодамнешните безредија при протестите на опозицијата во Подгорица, Хан ја повика црногорската Влада и опозицијата итно да отворат конструктивен дијалог, и тоа внатре, а не надвор од Парламентот.

Во односите со Турција, ЕК оценува дека земјата постигнала импресивен хуманитарен гест со помошта што ја обезбедува за над два милиони бегалци од Сирија и Ирак. Комесарот Хан повика на крај на растечкиот бран насилство внатре во Турција и на преговори за решавање на курдското прашање. Од делот на евро-интегративните процеси, Хан забележа дека Турција има сериозни недостатоци во правосудството и во слободата на изразување и јавно собирање.

Најчитани вести