ЕК во ноември со нова условена препорака за Македонија

Европската комисија на почетокот на ноември, оваа година ќе ги објави годинашните извештаи за напредокот на земјите во процесот на проширување на Европската унија, при што Република Македонија, како и лани, ја очекува нова условена препорака за отворање на преговорите за членство во ЕУ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, новата, осма по ред препорака на Еврокомисијата за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, според високи извори од неформалната влада на Унијата што инсистираат на анонимност, како и минатата година, ќе биде условена.
– Комисијата ѝ дава препорака на Македонија, но условена со спроведување на Договорот од Пржино и со имплементирање на итните реформи. Ова прашање повторно ќе се отвори по изборите во април 2016 година, објави на ланската прес-конференција во Брисел комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
Овојпат, според високите извори на МИА од Комисијата, се подготвува идентичен текст во однос на осмата препораката на ЕК за Европскиот совет во однос на Македонија, земја-кандидат за членство во ЕУ од 2005 година, само што овојпат условот е „кредибилни и признаени парламентарни избори на 11 декември 2016 година“.
Од Еврокомисијата одбиваат официјално да коментираат каква ќе биде содржината на предлог-извештаите за оваа година во однос на сите земји од процесот на проширувањето. Единствено е познато дека, како и лани, комесарот Хан ќе ги претстави на прес-конференија на 9 ноември, а и овој датум, според портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ, исто така не може да се потврди со сигурност. Причината е што за оваа Еворпска комисија предводена од Жан-Клод Јункер, проширувањето на Унијата е „ланска тема“ поради официјалниот став дека за време на петгодишниот мандат на составот на Јункер во Брисел – проширување на Еворпската унија ќе нема.
– Можам само да потврдам дека прогрес-извештаите ќе бидат, како и секогаш, објавени есенва, истакна портпаролката Коцијанчиќ на денешната прес-конференција во Брисел.
Како што е познато, од 2009 година наваму, Еврокомисијата дава позитивни препораки на Европскиот совет за почеток на преговори за членство на Република Македонија во ЕУ, што поради грчките блокади на Советот досега не е одобрено од највисокото тело на Унијата. Лани и годинава, Комисијата дава условени препораки, бидејќи земјата е во напредна фаза од усогласувањето на сопственото со европското законодавство, додека причината за условеноста е политичката криза во земјата што трае две години.
Инаку, годинава, првпат откако Македонија во 2004 година стапи во прва фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската унија, летово не одржа Совет за стабилизација и асоцијација со Унијата во Брисел. Тој беше одложен за оваа есен и се уште нема најави дали и кога ќе се одржи.