ЕК: Во однос на економијата Македонија е светла точка на Балканот

Изминативе месеци дојде до влошување на економската состојба во земјите од западниот Балкан, со стопански пад и запаѓење на Србија и Албанија во рецесија, при што значителен раст на реалниот бруто домашен прозвод единствено е забележан во Македонија, оцени Европската комисија во својата најнова економска анализа, пренесе МИА.

Како што јавува МИА повикувајќи се на Б92, во документот се посочува дека ваквите резултати укажуваат на заклучокот дека заздравувањето во регионот, што почна во 2013 година, било на несигурна основа.

Покрај во Македонија, раст на БДП-то е забележан и во Косово, но според анализата на Еврокомисијата, тоа се должи на приватната поторшувачка предизвикана од значителното зголемување на платите на вработните во државниот сектор и на пензиите во април годинава.

Иако во последниве месеци дојде до незначително намалување на невработеноста во регионот, таа и натаму е висока и изнесува 30 отсто во Косово, 28 проценти во Македонија,  во Босна и Херцеговина, над 20 проценти во Србија и 18 отсто во Албанија.

– На западниот Балкан и натаму владее голема невработеност, особно меѓу младите, што бара решителни и уверливи структурни мерки на пазарот на радотната сила и прозводството, се заклучува во текстот.

Во Албанија во седум од првите осум месеци од годинава е забележан раст на вработеноста, исто како и во Македонија, благодарејќи на силното заздравување на преработувачката индустрија, се наведува во анализата.

– Големите поплави во мај во Србија и Босна и Херцеговија, имаа разурнувачки последици по инфраструктурата и предизвикаа загуба во производството, пред се во рударството и енергетиката, се додава во документот.

Запирањето на растот во Црна Гора и Албанија се должи на големиот пад на индустриското производство, а во Србија состојбата се влошила поради запирањето на инвестициите, смета Еврокомисијата.

Голем предизвик за повеќето земји од западен Балкан е малата покриеност на увозот со извоз, што доведе до влошување на тековниот платен биланс, особено во првата половина од годината. Најмал дефицит од 1,2 отсто од БДП има Македонија, додека во остантите земји од регионот тој се движи од 7,0 проценти во БиХ, до 11,6 во Албанија и 15,2 отсто од БДП во Црна Гора, стои во анализата.

Во регионот дојде и до општ пад на цените и тоа најмногу во секторите за храна, облека, комуникации и транспорт. Банките во регионот незначително го зголемија обемот на кредити за компаниите, при што најголема стапка на ненаплатени банкарски кредити има во Албанија од 24 отсто и во Србија од 23 проценти, оценува Еврокомисијата во анализата.

Урамнотежување на буџетските трошоци е забележано во Албанија и Црна Гора, во голема мерка поради зголемената наплата на даноци, додека во Србија и БиХ има влошување на економските состојби и падна приливот во буџетот, како резултат на поплавите, се наведува во анализата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.