вторник, 30 мај 2017  |  Вести денес: 2

ЕК во септември ќе решава за укинување на визите за турските граѓани

mila-andreev

Последни вести

Европската комисија во септември ќе донесе одлука дали Турција ги исполнила сите поставени услови за укинување на визниот режим со ЕУ, изјави денеска потпаролката на Еврокомисијата, Мина Андреева.

Како што јави ТАСС, Андреева посочи дека засега Анкара неисполнила уште пет од поставените 72 услови за укинување на визите за патување на турските државјани во земјите членки на ЕУ.

– Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер јасно стави до знаење дека ЕУ не може да ги промени условите и дека Турција треба да ги исполни сите услови, потенцира Андреева.

Со договорот за запирање на мигрантскиот прилив од Турција кон ЕУ, се предвидуваше укинување на визниот режим за турските граѓани од 1 јули годинава. Но, бидејќи Турција не ги исполни сите поставени 72 услови, Брисел реши да го одложи укинувањето  на визниот режим.

Во меѓувреме германскиот вицеканцелар и министер за економија Зигмар Габриел оцени дека ЕУ и Германија не смеат да подлегнат на уцените на Турција во текот на преговорите за визната либарализација.

– Од Турција ќе зависи дали ќе има или ќе нема визна либерализација. Германија и Европа под никакви услови нема да дозволат да бидат уценувани, изјави Габриел.

Ваквите реакции од Брисел и Берлин доаѓаат по изјавата на турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, дадена викендов, дека ако ЕУ не го исполни своето ветување за укинување на визите, Анкара би можела да се откаже од спроведувањето на договорот за запирање на мигрантскиот прилив кон Европа.

Најчитани вести