ЕК воведува механизми за превенција од поплави во Македонија

Со донаторска помош на Европската комисија, Светската банка, Европската централна банка и други светски финансиски институции, Европската унија ќе воведе механизми со кои во иднина ќе спречи и превенира поплави во Македонија и другите зeмји од Зaпаден Балкан.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова е одлучено на денешната Регионална конференција за превенција од поплави и менаџирање на Западен Балкан, организирана од страна на Европската комисија во Брисел, на која присуствуваше и државниот секретар во Секретаријатот за европски прашања, Јован Андоновски, заедно со секретари и заменици-министри за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Албанија.

Тема на денешната конференција, организирана од неформалната Влада на Европската унија, а по годинешните поплави со страотни последици во БиХ и Србија, беше да се воведат механизми за претпазливост и заштита од идни поплави на Балканот.

Пред претставниците на земјите од Балканот, како и на Директоратите за финансии, проширување и животна средина, но и на Европската централна банка, Светската банка, Европската инвестициска банка и други светски финaнсиски институции, секретарот Андоновски посочи дека на полето на кризниот менаџмент и заштита и обновување по катастрофи, Република Македонија има потпишано билатерални договори со Босна и Херцеговина, Црна Гора, Унгарија, Словенија и Хрватска, како и договор за проект за развој на систем за интегрирана превенција и рано предупредување од шумски пожари со Јапонија.

Во однос на регионалната соработка, државниот секретар при Секретаријатот за европски прашање, истакна дека Македонија учествува директно во Иницијативата за подготовка и превенција од катастрофи и во Советот за воено-цивилно итно планирање.

– Од витално значење на овој форум e регионот да успее да развие посветен и симплифициран инструмент за помош (преку еворпските фондови или од донаторската заедница), за да развие адекватен механизми за поддршка со цел да се надградат постојните. Тоа ќе се искористи како приоритетен извор за владиното финансирање на ваквите активности во одреден одржлив процент кој допрва треба да се утврди, а кој ќе осигура продолжена сопственост на процесите од страна на соодветните национални влади, истакна Андоновски на конференцијата во Брисел.

Македонскиот државен секретар, исто така посочи дека годинешните настани се индикатор за аларм од обемот на климатските промени што директно влијаат на сите земји на поширокиот Балкан. Тоа, според него јасно ја покажува неизбежната потреба да најдат заеднички јазик, што според него балканските политичари не успеале досега да го постигнат, но дека природата не признава политички оправдувања.

На денешната конференција, Андоновски беше придружуван и од претставници на Водостопанство, Центарот за управuвање со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување и претставник на Комисијата за проценка на штети од поплви во Република Македонија.