Еколошки инцидент во Охрид: Нафта од потонат брод се шири кон езерото

Голем нафтена дамка од каналот Студенчишта се шири кон водите на Охридското езеро. Нафтата во водата завршила од бродот „Мис Стон“ којшто потонал минатата ноќ додека бил закотвен во каналот.

Надлежните институции на општина Охрид утрово веднаш по информациите за појавата на нафтена дамка во каналот Студенчишта на Охридското Езеро излегоа на терен и извршија вонреден инспекциски надзор, соопшти општината.

Покрај претставниците на локалната самоуправа, на терен излезе и надлежниот државен инспектор за животна средина од Охрид и капетанот на Капетанијата.

На лице место беше утврдено дека се работи за инцидент со бродот „Мис Стоун“ кој е полупотонат при што е излеано одредено количество нафта во водата на каналот. Согласно законската регулатива инспекторот за животна средина презеде законски мерки и веќе е отворен предмет во инспекциска постапка.

Бродот од каналот ќе се вади во текот на утрешниот ден за да се спречи натамошно излевање на нафта во езерото.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.