четврток, 22 декември 2016  |  Вести денес: 42

Економијата е жилава, растот остварлив

1

Поврзани вести

Капиталните инвестиции, домашната потрошувачка и странските вложувања во следниот период ќе бидат главни двигатели на растот. Експертите сметаат дека  Македонија има стабилно макроекономско опкружување, а фокусот на надлежните останува на реформите, намалувањето на стапката на невработеност, поттикнувањето на инвестициите, пишува Лидер.

Според последните прогнози од Брисел, Македонија според растот на бруто домашниот производ, в година ќе биде трета во Европа. Европската комисија очекува во 2016-та година Македонија да забележи економски раст од 3,5 проценти. Овие проекции, ако се земат в предвид случувања на домашната политичка сцена и екстерните влијанија, покажуваат дека домашната економија е исклучително жилава. Тоа според аналитичарите, е заслуга на добро поставените економски политики.

-Секој што ја анализира макроекономската состојба во Македонија може да дојде до сопствени заклучоци, но ние остануваме фокусирани на намалувањето на невработеноста, создавањето нови работни места, поттикнување на инвестициите и генерално, раст на економијата, изјави вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

Европските аналитичари велат дека стабилното макроекономско окружување поддржано од соодветна монетарна политика овозможува амбиент за влез на пазарот. Забележан е прогрес во диверзификација на структурата на извозот како резултат на директните инвестиции, трговијата и зајакнатите инвестициски врски со ЕУ. Странските инвестиции и капиталните вложувања го зголемуваат растот, извозот и вработеноста, стои во извештајот на ЕК.

-Растот ќе се должи на одредени активности кои досега беа преземени или очекуваме да се преземат, а кои првенствено се насочени кон натамошното засилување на инвестициите во јавната инфраструктура, засилената домашна потрошувачка, што е позитивно изненадување, како и извозот кој што ни доаѓа од странските инвестиции, односно слободните зони, вели универзитетскиот професор, Томе Неновски.

ebor

Позитивни трендови

Индустриското производство продолжува да расте, движено најмногу од преработувачкиот сектор. Во септември е регистриран раст од 8,6 проценти. Бизнисмените велат дека овие податоци охрабруваат и влеваат оптимизам дека ќе се испорача проектираниот раст на БДП.

Индустријата бележи позитивни трендови кои ќе продолжат и во иднина – оценуваат од Сојузот на стопански комори.

-Градежништвото, останатите 20 индустриски сектори кои се поврзани со градежништвото, ќе бидат носители на понатамошниот раст на индустриското производство, меѓутоа, ќе придонесат за раст и на бруто- домашниот производ во третиот квартал, вели извршниот директор на ССК, Митко Алексов.

Истовремено се намалува стапката на невработеност.  Од 34% во 2008-та е симната на 28% лани и продолжува да опаѓа. Според професорот Пејковски, континуираниот тренд на намалување на стапката на невработеност е резултат на повеќе активности и влијанија.

ebor1

-Од една стана имаме значителни инвестиции во инфраструктурата кои повлекуваат значителен капитал и значителен обем на работна сила. Од друга страна има активни политики за вработување кои се двострани- и на страна на работодавачите и на страна на работниците. Работодавачите се стимулирани да ангажираат работна сила со тоа што трошоците за неа ги покрива државата. Во овој случај, во една синергија на повеќе мерки, како и инвестиции, и домашни и странски, како и поттикнувачки мерки и активни политики се влијае на невработеноста, вели универзитетскиот професорот Јован Пејковски.

Континуираниот влез на странските инвеститори, активните мерки за вработување, капиталните инвестиции во инфраструктурата, како и финансиската поддршка за домашните компании, според аналитичарите, најмногу влијаат на намалувањето на невработеноста.

Проценките на експертите велат дека македонската економија, со сите реформи е добро позиционирана да оствари високи стапки на раст и натамошно намалување на невработеноста. Експертите се согласни- ако немаше политичка криза, растот ќе беше уште поголем.

Најчитани вести