„Економист“: Изборите во Бугарија нема да донесат стабилност во земјата

По 18-месечна политичка криза, во која паднаа дури четири влади, на Бугарија ѝ се случија уште едни, неопределени, парламентарни избори, на кои нема уверлив победник, пишува во својот коментар лондонскиот неделник „Економист“, објави МИА.
Тоа, според овој весник, нема да донесе промени или стабилност во земјата, а не ќе може да ги разреши ниту проблемите во, како што вели, оваа најсиромашна членка на ЕУ.
Поранешниот премиер Бојко Борисов и неговата партија ГЕРБ освоија најмногу гласови, двојно повеќе од досега владеачките социјалисти и партијата на бугарските Турци ДПС, но во новиот бугарски Парламент за прв пат досега, ќе има дури осум разни партии.
Борисов нема доволно пратенички места, сам да формира влада, а големиот број парламентарни партии, значи дека ќе биде „невозможно да се создаде и да функционира една стабилна влада“, забележува угледниот неделник.
На неделните парламентарни избори е забележан и најмал одѕив на гласачите, во изминатите години на посткомунизмот во Бугарија.
Тоа весникот го објаснува со длабоката апатија на гласачите од сите политички партии, од долгогодишната криза, како и од крајно нискиот стандард што го имаат 7,3 милиони Бугари.
Просечната плата изнесува само малку над 400 евра месечно, а по седум години во ЕУ, оваа балканска држава сè уште има една третина од населението кое живее под границата на сиромаштијата. Оваа година, се очекува економскиот раст да не биде поголем од 1,5 отсто што е премногу малку за надминување на економско-финансиската криза во земјата и за подобрување на животот на нејзиното население.
Овој неделиник смета дека како причина за падот на досегашната влада, е „контроверзниот гасовод“ наречен „Јужен поток“ што требаше да донесе руски гас преку бугарската територија и другите балкански земји, до европскиот Запад, како и осиромашувањето на луѓето. Бугарските гласачи се гневни на владата по колапсот на „Корпоративно-комерцијалната Банка“ четврта по големина во Бугарија, која од јуни оваа година им го блокираше пристапот до нивните депозити на преку 200.000 штедачи и на голем број домашни фирми.
Бојко Борисов беше премиер од 2009 до 2013 година, управувајќи со една малцинска влада и правејќи постојано компромиси со другите партии во Парламентот. „Економист“ не верува дека овојпат ќе биде поуспешен на тој план, па предвидува дека на Бугарија ѝ претстои уште една тешка зима.